(ВИДЕО) Бајден: Имаме две опции, една од нив е трета светска војна

Американскиот претседател Џо Бајден, во гостувањето во поткаст на Брајан Тајлер Коен, изјави дека во моментов има две опции, од кои едната е трета светска војна.

„Имаме две опции. Да ја започнеме третата светска војна и да влеземе во војна со Русија, физички. Втората опција е да се осигураме дека земјата која се однесува толку спротивно на меѓународното право ќе плати за она што го направи“, рече Бајден.

Според него, една од неговите цели од самиот почеток на руската инвазија на Украина е одржување на единството помеѓу Европската Унија (ЕУ) и НАТО.

„Мојата цел од самиот почеток беше да се погрижам целата Алијанса и ЕУ да бидат на иста страна. Јас мислам дека поделба на НАТО е тоа што Путин мислеше дека може да го постигне, а тоа не се случи“, рече Бајден.

Американскиот претседател го коментираше и тоа што Шведска и Финска ги отфрлија заканите од Русија која порача дека ако тие одлучат да се приклучат во НАТО „ќе има тешки воени и политички последици“. Според Бајден, шведските и финските реакции на отфрлање на заканите покажуваат колку била погрешна проценката на Владимир Путин.