(ВИДЕО) КОД открива: Пари од Америка биле уплатени на сметката на Соравиа која ја купува внукот на Али Ахмети, Дрин

Јас ќе го водам деловниот објект „Соравија“ и затоа добивам 39 отсто. Кредитот кој го подигнавме во висина од 6 милиони евра од албанската банка Крединс Банк за да ја купиме „Соравија“ е на име на господинот Пјетерѓокај. Тој таму е акционер и има добра репутација, затоа банката лесно му го одобри задолжувањето.

Вака зборуваше внукот на Али Ахмети, Дрин Ахмети на прес-конференцијата во јуни годинава откако беше откриена зделката.

Тврдеа дека земале кредит од 6 милиони евра од банка во Албанија . Парите им требале за да ги уплатат на сметката на фирмата во чија сопственост е деловниот објект.

Сепак, истражувањето на КОД откри нешто сосема друго. На сметката на Соравија во Македонија никогаш не стасале 6-те милиони од кредитот во банката во Албанија .

Иако на сметката на Соравиа не стигнале пари од Албанија, КОД открива дека сепак биле уплатени пари, но многу подалеку од првиот сосед на запад.

Во текот на летните месеци уплатени се 3 милиони долари на сметката на Соравиа. Уплатени се од човек кој живее во САД, но американецот имал потекло од Македонија. Претходно, испраќачот на трите милиони долари испраќал пари како донација и помош за УЧК.

Парите се уплатени и пријавени како позајмица. Тоа се единствените пари за сега уплатени на сметка на фирмата-сопственик на деловниот центар.

Индиректна потврда на трансакцијата е и смена во управителската структура на Соравиа. На први септември лани, како нов управител на Соравиа е додаден и Дрин Ахмети, внукот на лидерот на ДУИ. Промената е регистрирана и во Централниот регистар, 13 денови подоцна.

За американската трансакција знае и обвинителството кое истражува од јули по допрен глас. Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција го води уште еден жител на Зајас, Ислам Абази и КОД постави прашања до нив за американската трансакција, но, и за тоа дали нешто друго е откриено во нивната предистрага за Соравиа.

Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција веднаш по отворањето на предметот издаде низа наредби и насоки до повеќе релевантни институции со чија помош треба да се расветли случајот. Така, во оваа сеопфатна предистражна постапка освен истражители од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал кои ги анализираат прибраните материјали , постапуваат и Управата за финансиско разузнавање, Управата за јавни приходи, Единицата за финансиски криминал – Сектор за криминалистички истраги при Одделот за сузбивање организиран и сериозен криминал и Единица за економски криминал – Сектор за економски криминал и корупција при Одделот за криминалистичка полиција во МВР. Со оглед дека станува збор за предистражна постапка во интерес на истата, обвинителството во овој момент не може да сподели повеќе детали како не би се наштетило на понатамошниот тек на постапката, одговорија од ОЈОГОКК.