(Видео) Таравари: Стабилна е состојбата на сите пациенти, од 20-те критични, денеска се 10, но надвор од животна опасност

Сите пациенти што се лекуваат во македонските болници и во странство се стабилни и добра состојба, порача министерот за здравство, Арбен Таравари на денешната прес-конференција. Според него, се намалува бројот на критичните, објави ТЕЛМА.

„Повеќето се подобруваат. Од вкупно 20 кои беа критични, денеска констатираме дека 10 се потешки пациенти, но и тие се стабилни и надвор од животна опасност“, рече Таравари кој додаде дека во македонските болници моментно се третираат 72 пациенти, а 101 во странство. 

Во текот на вчерашниот ден, како што кажа, биле испишани тројца пациенти и пуштени на домашно лекување, а за утре се планирани уште тројца. Тој најави можност за испраќање на уште 10 пациенти во странство, но конечната одлука ќе биде донесена по консултации со колегите.