„Визер“ ги укина летовите од Скопје до Келн, Копенхаген и Стокхолм

Со стапување во сила на зимскиот распоред на унгарската нискобуџетна авио-компанија „Визер“ се укинаа три авиолинии од Скопскиот аеродром – Келн, Копенхаген и Стокхолм.

На сајтот на авиокомпанијата повеќе ги нема овие дестинации и не можат да се купат карти, а нема информации дали повторно овие линии ќе бидат пуштени на пролет со летниот ред на летање.

„Визер“ се повлекува од Келн поради високите цени за услуги и давачки што ги воведе аеродромот Келн-Бон. За да се надомести интересот за тој дел од Германија, компанијата ќе ги зголеми фреквенциите од Скопје за Дортмунд, па така во ноември и декември ќе има летови по шест пати неделно, а во шпицот околу Нова година и Божиќ ќе лета секој ден до овој град во Северна Рајна Вестфалија.

На патниците што летаа за Копенхаген во Данска, сега им останува можноста да летаат до соседниот аеродром Малме во Шведска, но засега „Визер“ не го има зголемено бројот на летови. Стокхолм останува непокриен за патниците што досега летаа до главниот град на Шведска.