Покрај нефрологот Игор Николов, Владата на вчерашната седницата именувала уште тројца нови амбасадори. Паралелно, како што потврдија од владината прес-служба за РСЕ, донесени се барања за покренување иницијатива за отповикување на девет актуелни амбасадори.
Според информациите од Владата, како нови амбасадори на Северна Македонија ќе заминат Димитар Блажевски во Украина, Драган Ѓурчевски во Хрватска и Андријана Цветковиќ во Јапонија.
Николов, како што и претходно во текот на денот соопшти премиерот Христијан Мицкоски, ќе биде нов амбасадор на земјава во Франција.
Од друга страна, Владата вчера одлучила да почне со постапка за отповикување на деветмина актуелни вонредни и ополномоштени амбасадори.
Меѓу нив иницијатива за отповикување е покрената и за амбасадорката во Бугарија, Агнеза Руси Поповска.
На оваа листа се и амбасадорите на Северна Македонија во: Босна и Херцеговина – Јакуп Реџепи, Црна Гора – Зеќир Рамчиловиќ; Чешка – Емил Крстевски; Шведска – Џенк Сејфила; Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска – Катерина Ставревска; Белгија – Методија Белевски, кој е нерезидентен амбасадор на земјава и за Луксембург.
Меѓу деветмината за кои е поведена иницијатива за отповикување е и амбасадорката и постојана претставничка на Северна Македонија при Советот на Европа, Светлана Гелевева, како и амбасадорот и шеф на Постојаната мисија при Меѓународните организации, Пајо Авировиќ.
РСЕ во октомври минатата година пишуваше дека актуелната власт планира да врати десетина амбасадори. Станува збор за амбасадори кои минатата Влада ги испрати на должност без да бидат „сослушани“ во Собранието. Тие не ги бранеа тезите пред пратениците поради блокади и незакажување седници на собраниската Комисија за надворешни работи од страна на ВМРО-ДПМНЕ, која како опозиција претседаваше со ова собраниско тело.
Патот за покренување иницијатива за отповикување, го отвори актуелното владејачко мнозинство предводено од ВМРО-ДПМНЕ со изгласување автентични толкувања на два члена од Законот за надворешни работи на крајот на декември минатата година.
Според автентичното толкување на еден од членовите, „сослушувањето“ на амбасадорите во Собранието е задолжително. Автентичното толкување за вториот член од Законот, пак, и даде зелено светло на Владата да покренува иницијативи за отповикување.