Иако во обид да се искупи од проблемот кој и самата си го постави Владата донесе одлука возачките и сообраќајните дозволи кои треба да се променат, а се уште се валидни да бидат бесплатни сепак и вчера граѓаните си ги подмирија самите, објави Телма.
Во станиците за технички преглед им било кажано дека таквата информација официјално до нив не стигнала и се додека не добијат таква насока, тие ќе мора да си наплаќаат.
Од МВР за Телма пак велат дека одлуката станува валидна во моментот кога ќе биде објавена во службен весник но ресорното министерство дури вчера ја доставило таму ваквата информација иако одлуката беше донесена во вторникот на владина седница.
Се уште се провлекува и проблемот со налепниците со кодот НМК. На станиците каде веќе се потрошиле залихите велат немаат добиено нови.
Дополнителен проблем е и издавањето на патните исправи за кој државата ги троши последните обрасци со најава дека нови се очекуваат да стигнат кон крајот на месецот.