Економско-социјалниот совет денеска одржа седница со која претседаваше министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, како претседателка на ова тело. На седницата која беше во поширок состав, присуствуваа вицепремиерот за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, министрите за финансии, образование и наука, информатичко општество, Бесими, Шаќири, Алити, претставници на Синдикатите и Организација на работодавачи, репрезентативни и нерепрезентативни.
На денешната седница, се отвори дискусија за барањето на СОНК во однос на усогласување на останатите плати во образованието и Синдикатот на УПОЗ за вработените во управата и правосудните органи со порастот на минималната плата.
Министерката за труд и социјална политика Тренчевска, истакна дека социјалниот дијалог во државата е особено важен, затоа што на тој начин се носат најдобрите решенија. Затоа Владата продолжува со отворена дискусија со социјалните партнери со цел да се изнајде решение кое ќе биде најсоодветно.
Заклучокот на денешната седница на Економско-социјалниот совет подржан од неговите членови беше дека социјалниот договор во однос на усогласување на останатите плати продолжува. Секој синдикат и ресорниот министер, чии интереси застапува продолжува со социјалниот дијалог за усогласување на платите.