„Пелагонискиот локалитет Влахо кај Живојно во моментов претставува најстарата неолитска населба во Македонија, основана дури 300 години порано од останатите. Резултатите од лабораториските анализи потврдија негово датирање во 64 век пред новата ера, што го прави и еден од најраните неолитски локалитети во Европа“, посочува археологот д-р Гоце Наумов, од Центарот за истражување на предисторијата и раководител на ова мултидисциплинарно истражување. Деталите од истражувањата, како и лабораториските анализи се публикувани и во списанието „Патримониум“. Како што најавува Наумов наскоро во еминентни светски археолошки списанија ќе излезат уште неколку труда за локалитетот Влахо.
Инаку, како што е наведено и во текстот неодамна објавен во „Патримониум“, минатата година се извршени теренски истражувања проследени со кабинетски проучувања на откриените наоди, како и лабораториска анализа на органските остатоци. Токму добиените сознанија даваат нови согледувања за почетоците на неолитот во Македонија и ги надополнуваат тековните хипотези за неолитизацијата на Балканот.
„Освен неговото ексклузивно датирање, локалитетот Влахо е специфичен и по присуството на десетина ровови и објекти, што беше регистрирано со геофизичкото скенирање на неговиот простор. Археолошкото истражување на локалитетот го потврди постоењето на овие ровови, како и богатата стратиграфија сочинета од ранонеолитски слоеви во кои има остатоци од куќи од лепеж, белосликана керамика, фигурини, жртвеници, антропоморфни модели на куќи и алатки. Археоботаничките и археолошките анализи укажуваат на консумирање храна од пченица, јачмен, леќа, грашок, јаболка, капини, говеда, овци, кози и свињи, и тоа уште во самите почетоци на овој особено значаен локалитет“, истакнува д-р Наумов.
Сите резултати од преземените активности на локалитетот, кои се публикувани, исто така покажуваат дека првите земјоделци во Пелагонија доаѓаат со веќе формирани елементи на социјалниот идентитет кого постепено го градат и модифицираат во текот на околу триста години колку што била активна неолитската населба. Теренските и кабинетските истражувања на локалитетот исто така придонеле и во сознанијата за почетоците на неолитот на Балканот воопшто.
„Иако до сега претежно се земаше предвид трасата на Вардар и Морава како една од главните демографски трансферзали во неолитот на овој регион, со новите сознанија од Влахо овие теории можат да се ревидираат. Кон тоа во прилог одат и новите толкувања за почетоците на неолитот во ареалот на Централна и Западна Македонија во Грција и Корчанскиот регион во Албанија. Имено, датирањата од локалитетите кај Мавропиги, Ревениа, Паљамбела и Ваштми меѓу 6.450 и 6.300 година пр.н.е. укажуваат на прилично раното појавување на неолитот во овој простор, а што можеби и му претходни на она во Тесалија. Во таа смисла, датирањето на Влахо во 64 век п.н.е. влегува во оваа група на локалитети и ја вклучува Пелагонија како еден од регионите во географска Македонија кој бил зафатен во првиот бран на неолитизацијата на Балканот. Во рамки на овој процес Влахо ги содржи сите карактеристики типични за првите неолитски заедници во Југоисточна Европа. Според тоа може да се заклучи дека неолитот во Пелагонија, но и Македонија, не започнува со некаква редуцирана форма на материјалната култура и живеалиштата, туку како целосно оформена појава карактеристична за првите земјоделски општества со особени одблесоци во домен на архитектурата, грнчарството, симболичкото изразување и стопанството. Во прилог на тоа оди и начинот на кој оваа населба била просторно организирана, што сосема ја издвојува од останатите локалитети на Балканот“, се посочува во публикацијата. Радиокарбонското датирање на Влахо, пак, потврдува дека неолитската населба била во функција околу 300-350 години, додека една од градбите била активна околу 100-150 години.
Во текстот за локалитетот Влахо исто така се додава: „Резултатите добиени од ископувањето, геомагнетното скенирање, геоархеолошката проспекција, проучувањето на материјалната култура, радиокарбонските, археоботаничките и археозоолошките анализи укажуваат на нејзината специфичност и особено клучна улога во појавата на неолитот на Балканот. Дотолку повеќе овој локалитет се соочува со можно оштетување, па дури и уништување поради најавената експлоатација на јаглен во рамки на околниот простор, но и на самиот локалитет. Затоа, интензивното и долготрајно истражување и заштита на можеби едно од најбитните предисториски наоѓалишта во Македонија е повеќе од потребно. Во таа смисла се насочени и идните мултидисциплинарни истражувања на Влахо кај Живојно, а кои треба да ја надополнат сликата за почетоците на неолитот во Пелагонија“.
„Целта на авторите беше овие извонредни сознанија ексклузивно да бидат објавени пред македонската јавност и археолошката фела, после што следи и нивно скорешно публикување во неколку европски и американски списанија. Новите откритија за овој локалитет беа презентирани на меѓународниот собир на Европската асоцијација на археолозите во Будимпешта, како и на предавања во Рим и Берлин, така што археолошката заедница ја препозна специфичноста на оваа неолитска населба и го подржува нејзиното натамошно афирмирање. На тој начин овој археолошки локалитет постепено го добива своето заслужено место во академскиот свет, што ќе придонесе и за негово подобро презентирање пред пошироката јавност“, посочува д-р Наумов.
Инаку, археолошкиот локалитет Влахо кај Живојно се истражува веќе неколку години во соработка меѓу Центарот за истражување на предисторијата и Завод и музеј – Битола, при што се вклучени и стручњаци од Универзитетот од Базел, Шпанскиот национален совет за наука, Универзитетот во Белград, Завод и музеј – Прилеп, Институтот за старословенска култура, Археолошкиот музеј на Македонија и студенти од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ и Универзитетот „Гоце Делчев“. Различни сегменти од овие обемни мултидисциплинарни истражувања се подржани од германската Фондација за истражување и заштита на тумбите, Универзитетот во Базел, македонското Министерство за култура, шпанскиот Национален совет за наука, Фондот Западен Балкан и Европската Унија.
vecer.press