ВМРО-ДПМНЕ ги одреди носителите во пет изборни единици и тоа се имињата за коишто се зборуваше во последниве неколку недели. Неизвесно е само кој ќе ја предводи листата во Петтата изборна единица. Од петте познати носители тројца веќе беа на тие места и пред четири години на изборите во 2020. Тоа се Владо Мисајловски во Втората, Александар Николоски во Четвртата и Дафина Стојаноска во Шестата изборна единица.
Одамна се знае, како и што самиот најави, дека на чело на листата во Првата изборна единица ќе биде претседателот на партијата Христијан Мицкоски. (Пред четири години носител беше Гордана Силјановска-Давкова). Листата за Третата изборна единица ќе ја предводи Драган Ковачки (во 2020 тоа беше Игор Јанушев).
Мицкоски денеска изјави дека за време на кампањата ВМРО-ДПМНЕ ќе биде насочена на нудење решенија за проблемите на граѓаните.
„Немаме намера да водиме црна кампања. Гледам дека црната кампања на СДСМ и тие коишто орбитрираат околу СДСМ не е насочена ниту кон ВМРО-ДПМНЕ, или кој било, туку директно кон мене. Јас ќе им порачам само нека продолжат нека се занимаваат со Христијан Мицкоски, ние ќе продолжиме да нудиме на граѓаните она кое што за нив е потребно, а тоа се решенија коишто значат иднина, решенија коишто ќе даваат одговор на проблемите со коишто граѓаните во администрацијата, стандардот, слабата економска состојба, борбата со криминалот и корупцијата, владеењето на правото, проблемите со коишто се соочуваат пензионерите, земјоделците, младите, образованието, здравството.
Тој рече дека ВМРО-ДПМНЕ ја финализира изборната програма и денеска ќе се одржел завршниот состанок со групата која ја изработува.