ВМРО ДПМНЕ: Половина месец нема реакција за аферата Броило од ЈО и ДКСК, како додека Ковачевски е функционер, фирма основана од него земала државна помош

Половина месец нема реакција за аферата Броило од ЈО и ДКСК, како додека Ковачевски е функционер, фирма основана од него земала државна помош.

Невидено е ЈО и ДКСК да немаат институционален одговор повеќе од половина месец на голем број изнесени факти за судир на интереси и тргување со влијание во аферата Броило. Во центарот на таа афера и соларниот картел е дезертерот Ковачевски, а свртени се над 26 милиони евра, се вели во соопштението од ВМРО ДПМНЕ.

Во продолжение на истото се додава:

ДКСК во обид предвремено да го амнестира Ковачевски, кажа дека нема судир на интереси во аферата Броило, и уште повеќе се заглави, бидејќи и самиот Ковачевски призна дека додека е заменик министер за финансии се префрлани пари на Пиксел груп, фирма која е основана од него. ВМРО-ДПМНЕ потоа поднесе претставка до ДКСК за аферата Броило, но од таму молк.
Не реагира ниту ЈО, иако има сознанија и факти во медиумите дека фирма основана од премиерот, е вмешана во афера тешка над 26 милиони евра. Пиксел груп е фирмата која за една година откако е формирана гради фабрика за фотовилатици, а 8 месеци откако Ковачевски станува премиер влегува во инвестиција од 54 милиони евра во ТИРЗ Тетово заедно со новоформирана бугарска фирма.
Подемот и успехот на Пиксел груп се врзани со времето додека СДС е власт во Македонија. А во истиот тој период КМГ ЕОЛ Квазар сопственост на кумот на Ковачевски добива 2 милиони евра државни тендери и склучува договор со ЕВН тежок над 2 милиони евра. Аферата Броило го извади на површина соларниот картел околу Ковачевски.
И институциите мора да отворат постапки. А не предвреме да го амнестираат, за потоа да бидат демантирани од самиот Ковачевски.

извор: ВМРО ДПМНЕ