Внимавајте: Измамници под маска на Македонска Пошта испраќаат „СМС“ со цел да извлечат пари

Министерството за внатрешни работи (МВР) апелира до граѓаните да бидат претпазливи и да не отвораат сомнителни линкови или датотеки прикачени на е-маил пораки од непознати испраќачи.

Во врска со зголемениот број на измами што годинава беа забележани, а кои опфаќаат фишинг напади и случаи на лажно претставување во име на Пошта на Северна Македонија, како и на други државни институции и правни субјекти, Секторот за компјутерски криминал при МВР ги известува граѓаните дека главната цел на фишинг измамите е да се приберат личните податоци на примателот или да се натера да посети лажна веб-страница преку која со оставање на неговите лични податоци може да се предизвикаат дополнителни злоупотреби на истите.

„Овој тип на фишинг напад доаѓа во форма на СМС пораки во кои се известуваат граѓаните дека имаат наводна пратка на нивно име, за која е потребно да доплатат многу мала сума за испорака. Во СМС пораката исто така има URL линк, кој води до веб страна што е дизајнирана да изгледа како легитимна веб страна на Пошта на Северна Македонија, како и на други државни институции и правни субјекти. Преку форма за внес на податоци граѓаните ги внесуваат податоците на своите платежни картички. Обично веднаш се извршува плаќањето на првобитната сума, за после некое време да се изврши поголема трансакција,“ соопштуват од МВР.

МВР соопштува дека во последниот период, овој тип на измами заземаа друга форма каде што граѓаните се изманипулирани да инвестираат на лажни платформи за инвестирање и тргување на криптовалути. Измамата типично почнува со тоа што жртвата ќе пронајде и ќе се регистрира на наводна платформа за инвестирање и тргување со криптовалути, за подоцна да биде контактирана (најчесто телефонски) од странски телефонски броеви од страна на непознатите сторители.

Според предупредувањето на Секторот за компјутерски криминал, сторителите се претставуваат како советници за инвестирање и финансии и започнуваат долга комуникација со жртвите, вршетејќи притисок за вложување на дополнителни средства. Тие, исто така, постојано ги уверуваат жртвите дека секогаш може да ги повлечат уплатените средства и добивките, но кога тоа ќе се обидат да го направат, се соочуваат со измислени препреки и дополнителни давачки.

Секторот за компјутерски криминал апелира до граѓаните да не споделуваат лични податоци, податоци за платежни картички и да не остават вакви информации на непознати веб-страни и платформи. Освен тоа, МВР препорачува да се изврши детална проверка на секоја платформа или сервис за инвестирање пред да се вложат средства, за да се утврди дали се во согласност со меѓународните регулативи за брокери.

МВР апелира сите граѓани да бидат внимателни и да не дозволат да станат жртви на ваквите измами.