Водоводот стар 127 години попушти и ги поплави улиците и подземната железница на Њујорк

Водоводот стар 127 години, под Тајмс Сквер во Њујорк, попушти вчера, рано наутро, поплавувајќи ги улиците во центарот на градот и најпрометната станица на подземната железница на светската метропола, пренесува Анадолу.

Цевката со дијаметар од пола метар попуштила под 40. Улица и 7. Авенија во 3 часот наутро по локално време, потсетувајќи на опасноста што демнее од стареењето на инфраструктурата под преполните градски улици.

По попуштањето на водоводната цевка, се поплавила улицата над местото на дефектот, а видеоснимките објавени на социјалните мрежи покажуваат како водата се слива во станицата на подземната железница на Тајмс Сквер по скалите и низ вентилациските решетки. Како последица на протекувањето на водата, поплавени се и метро пероните.

На надлежните служби им беше потребен еден час да го откријат местото на протекувањето и да го запрат истекувањето на водата.

При ископувањето настанала голема дупка на една од градските раскрсници каде работниците копале со тешка механизација за да дојдат до цевката што го предизвикала поплавувањето.

Околните улици биле отворени за време на утринскиот шпиц, но услугите на подземната железница привремено се суспендирани во поголем дел од Менхетн на линиите 1, 2 и 3, кои минуваат директно под пукнатата цевка.

Њујорк Сити има околу 10.900 километри водоводни цевки. Во последните 3 години градот потроши 1,9 милијарди долари на подобрување и обнова на застарените водоводни и канализациски цевки. Речиси секој ден во градот се случуваат прекини во снабдувањето со вода.

извор:Анадолу.

фото:Анадолу.