Воздржаност за вложувања: Намален интерес за тргување на берзата, дури и на денот без провизии

„Пари“ -Компарација на податоците за трите Инвеститорски денови..
На 13-ти септември Македонската берза  го организираше третиот по ред Инвеститорски ден на кој домашните физички лица имаа можност да тргуваат со акции на сите пазарни сегменти без да ги платат провизиите кон Берзата, ЦДХВ и овластените пазарни учесници (банки и брокерски куќи), во износ на промет до 10.000 евра.

Порталот „Пари“ ги анализираше показателите на Инвеститорските денови  што се одржуваат три години по ред, за да утврди каков е трендот на трансакциите и прометот на Берзата. Бројките покажуваат дека интересот се намалува, што може да се поврзе со пандемијата, а сега и со економската криза поврзана со енергетската и со високата инфлација, фактори кои носат воздржаност за секакви вложувања, па и во хартии од вредност.

Првиот Инвеститорски ден се одржа на 18.09.2020 година. Тогаш се склучија 339 трансакции и вкупниот промет во БЕСТ системот надмина 1 милион евра.

Вториот Инвеститорски ден се одржа на 13.09.2021 година. Тогаш се склучија 262 трансакции, а вкупниот промет во БЕСТ системот беше 640.000 евра. Значи, во однос на претходната година бројот на трансакциите се намалил за 77, а направениот промет бил помал за околу 360.000 евра.

Третиот Инвеститорски ден кој се одржа деновиве, значеше склучување на 242  трансакции, а тоа е за 20 трансакции помалку отколку лани и дури за 97 помалку отколку во 2020 година. Вкупниот промет во БЕСТ системот беше 516.000 евра, тоа е за 124.000 помалку од лани и за 480.000 евра помалку отколку во 2020 година.

ПОДАТОЦИ ЗА ТРИТЕ ИНВЕСТИТОРСКИ ДЕНОВИ

ДАТУМ БРОЈ НА СКЛУЧЕНИ ТРАНСАКЦИИ ВКУПЕН ПРОМЕТ
13.09.2022 242 516.000 евра
13.09.2021 262 640.000 евра
18.09.2020 339 1.000.000 евра

Edit Table

Инвеститорскиот ден го иницираше Берзата по повод одбележувањето на 25 години од нејзиното основачко собрание, а иницијативата ја прифатија Централниот депозитар на хартии од вредност и осум членки на Берзата: Еурохаус, Инвестброкер, Комерцијална банка, НЛБ Банка, Стопанска банка Скопје, ТТК Банка, Фершпед брокер и Шпаркасе Банка Македонија, а истата доби поддршка и од Комисијата за хартии од вредност. Годинава, прв пат Иницијативата Инвеститорски ден ја прифатија сите 10 членки на Брезата, што значи дека се придружија и Илирика Инвестментс и Иново Брокер, а  доби поддршка и од Комисијата за хартии од вредност.

извор: Пари