Волците се враќаат во Европа, но не и на Балканот

Европа е дом на над 21.500 волци (Canis lupus), кои во се поголем број ги има во повеќе европски земји. Но, како што се зголемува бројот на волци во Европа, така опаѓа нивната бројност на Балканот. Особено е забележано намалено присуство на волците во Северна Македонија, Босна и Херцеговина и Црна Гора, додека е непознато каква е ситуацијата во Косово. Ова се посочува во најновата студија објавена од тим истражувачи на 25 февруари 2025 година. Во неа се посочува дека некои земји, бројноста на волците расте со неверојатно темпо. На пример, во Германија, волците се зголемиле од една глутница во 2000 година на 184 глутници и 47 пара во 2022 година.

Мониторинг во 34 земји
Тимот истражувачи ја заснова својата проценка на мониторинг извештаи и експертски проценки во 34 земји. Тие откриле дека до 2022 година најмалку 21.500 волци ја населиле Европа, од кои 19.000 биле пронајдени во Европската унија (ЕУ). Ова, според истражувачите, е зголемување за 58 отсто од 12.000 проценети пред 10 години.

„Во повеќето земји, популацијата на волци продолжи да се зголемува и сега се наоѓаат во сите, освен во најмалите земји на континентална Европа. Неколку земји – Бугарија, Грција, Германија, Италија, Полска, Шпанија и Романија – сега имаат повеќе од 1.000 единки. Поради различни причини, вклучувајќи ги целите на управување (т.е. ограничувања на популацијата) или релативно неодамнешната реколонизација на видот по долго отсуство, некои земји имаат помалку од 100 единки (Австрија, Белгија, Данска, Унгарија, Луксембург, Норвешка и Холандија). Трите микродржави Монако, Сан Марино и Ватикан остануваат единствените земји во континентална Европа кои не доживеале реколонизација на волци“, се наведува во студијата.

 

 

DW