Вонредна седница на Владата – четири заклучоци за погребот на жртвите во пожарот

Владата вечерва на 19 март одржа вонредна онлајн седница и донесе четири заклучоци што се однесуваат на деновите на жалост и на погребот на настраданите во пожарот во Кочани, кој ќе се одржи утре.

Се задолжуваат државните институции, а се препорачува на локалната самоуправа и на работадавачите од приватниот сектор да ги ослободат од работа и работни обврски сите вработени на територија на Кочани, изјави портпаролката на Владата Марија Митева.

Таа појасни дека здравствените установи, образовните установи и градинките треба да организираат вршење услуги согласно потребите.

„Се задолжува МВР да ги преземе потребните безбедносни и сообраќајни мерки. Се задолжува Министерството за здравство во соработка со Ценатрот за управување со кризи и Црвениот крст да обезбеди амбулантни возила. ТППЕ Кочани да ги преземе мерките и активностите согласно своите надлежности“, изјави Митева.

Таа информираше и за безбедносниот протокол и насоки за етичко известување од погребот на жртвите од Кочани.

„Во координација со МВР и во консултација со Здружението на новинари на Македонија и со Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници изготвија протокол за безбедност при известување од погребот на жртвите. За претставниците на медиумите кои ќе известуваат за настанот, полициските службеници ќе обезбедат посебна зона од патот на поворката, на 300 метри од влезот на капелата до градските гробишта во Кочани. Овој простор ќе биде обезбеден од припадници на МВР со цел да се гарантира ред и безбедност во означената област. На оваа зона исто така ќе важи забраната за управување со дронови, појасни Митева.

Здружението на новинари на Македонија и Самостојниот синдикат на новинари ги повикува сите новинари и медиуми да се придржуваат кон следниве етички принципи: почитување на личната болка и достоинството, избегнување на сензационализам, објавување на проверени информации и медиумите да се осигураат дека нивното известување не придонесува за дополнителна јавна вознемиреност, рече Митева.

Со цел да се обезбеди непречено движење и идентификација, медиумските работници треба да поседуваат со себе и прес обележја и новинарски легитимации издадени од нивните матични медиумски куќи.

 

slobodnaevropa.mk