Прогласена е вонредна состојба во Општата болнмица во Кочани по враќањето на повредените лица кои беа на лекување во Скопје и странство, само два месеци по трагичниот пожар во таканаречената дискотека Пулс во Кочани.
Според информациите, околу 40 пациенти моментално добиваат физикална терапија, додека пак на над 70 им се прават секојдневни медицински преврски.
Овој третман се изведува во посебно адаптирани простории, со ангажирани тимови од Кочани, Штип и Скопје, а дел од персоналот неодамна завршил и дополнителна обука со поддршка од Светската здравствена организација.
Според лекарите, рехабилитацијата ќе трае најмалку една година поради сериозноста на повредите – изгореници, нагмечувања и проблеми со дишењето кај дел од пациентите.
Вчера бил воспоставен и контакт со Институтот за физикална медицина и рехабилитација „Козле“ од Скопје, од каде е договорено екипи од лекари и медицински сестри редовно да ја посетуваат кочанската болница со цел да се подобри рехабилитацијата.
Директорката на болницата, Кристина Серафимова вели дека најголем предизвик останува недостигот од медицински персонал и застарената инфраструктура. Последните објекти на болницата се изградени во 1980-тите, а дел од зградите се стари и над 70 години.
4news.mk