Во болницата Папаниколау и во воената болница во Солун, хоспитализирани се вкупно пет лица повредени во пожарот во ноќниот клуб во Кочани, а од нив двајца се веќе оперирани, додека пак на други двајца им била извршена трахеотомија.
Како што јавува МИА, извори од болницата Папаниколау, каде што од вчера попладне се хоспитализирани тројцата повредени, кои со амбулантни возила пристигнаа во Солун, брифираат дека сите се на Одделот за интензивна нега за повредени со изгореници, двајца се оперирани, а третиот сè уште не е.
Станува збор за две девојки и едно момче на возраст од 25, 26 и 19 години, кои се тешко повредени со големи изгореници.
Дополнително, според информациите на МИА, во воената болница во Солун биле префрлени уште двајца повредени на кои им била извршена трахеотомија.
Според истите извори, болницата Папаниколау засега не е информирана или известена за транспорт на други случаи.
Министерот за здравство на Грција Адонис Георгиадис преку платформата Икс синоќа информираше дека „Националниот центар за брза помош е во целосна оперативна готовност за транспорт и лекување на повредени со изгореници по барање на Северна Македонија“ и посочи дека четири болници во Атина и Солун се во состојба на зголемена готовност.
Грчки владини извори брифираа дека во болницата Папаниколау во Солун и во воените болници во Атина и Солун, ќе бидат хоспитализирани 18 повредени во пожарот во дискотеката во Кочани и дека по телефонскиот разговор меѓу министрите за надворешни работи на двете земји Јоргос Герапетритис и Тимчо Муцунски, „со координирани активности на Министерствата за надворешни работи, здравство, цивилна заштита и службата за итна медицинска помош, Грција ќе ги прими сите повредни со изгореници, како што било побарано од Европскиот механизам за цивилна заштита“.
mia.mk