„Во голем хаос сум“ се доверил внукот од Бошкоски пред да исчезне

Дваесет и шест годишниот Самоил Костадиновски, кој неколку дена се води за изчезнат, непосредно пред да му се изгуби трага и глас комуницирал со познаници, на кои, како што сведочат дел од нив за „Фокус“, им рекол дека „е во голем хаос“.

–Говореше дека му искочиле некакви проблеми, дека бил во голем хаос, дека дал големи пари, дека полудел. Не кажа точно за што се работи, но се надеваше дека проблемите ќе се средат – ни изјави лице што било во контакт со Костадиновски пред да исчезне.

Тој е внук на поранешниот министер за внатрешни работи Љубе Бошкоски, односно неговиот татко и сопругата на Бошкоски – Виолета, се брат и сестра. Како што сведочат нашите соговорници, никој од семејството нема претстава и идеја каде би можел да биде и што би можело да се случи.

Неговото исчезнување во полиција го пријавил неговиот брат на 4-ти март. Од МВР посочија дека се преземаат соодветни мерки за негово пронаоѓање. Како што објавија дел од медиумите, Костадиновски бил забележан како влегува во возило со неколку луѓе во близина на чешката амбадаса и оттогаш не се знае каде е, а неговиот телефон е исклучен.

Дополнителна вознемиреност предизвика една објава на фејсбук, според која Костадиновски всушност бил киднапиран, но набргу потоа објавата беше избришана. Одредени медиуми, пак, објавија дека тој бил киднапиран од лица од Албанија и Турција, но засега нема официјална потврда за ваквите информации.

 

fokus.mk