Само за две години државните институции набавиле нови патнички возила за 8,5 милиони евра, дел купени, а дел земени на лизинг. Меѓу нив се и 45-те владини возила, секое по 50 илјади евра, земени на лизинг за сегашните функционери, но и за поранешните премиери и претседатели на Северна Македонија. Просечната вредност на сите набавени возила во последните две години е 31.760 евра. Најголема вкупна вредност на склучени договори имаат фирмите Порше лизинг и Аутомотив груп, секоја по околу 2,8 милиони евра за две години. Ова го покажува најновото истражување на Центарот за граѓански комуникации (ЦГК) за набавките на патнички возила на државните институции во 2023 и 2024 година и отворената база на податоци на договорите за јавните набавки на возилата.
Истражувањето открива дека најскапо набавено возило од 55 илјади евра е на Општина Шуто Оризари, додека Општина Прилеп набавила па го раскинала договорот за возило од 63 илјади евра. Омилен бренд на функционерите им е Шкода, марка од која се набавени 90 возила или секое трето возило. Најмногу возила, 82, набавиле Електрани на Северна Македонија.На дури 70 % од тендерите за набавка на возилата имало само по една понуда.
Подновени со 269 нови возила – кој купил најскапо?
Државните институции набавиле 269 нови патнички возила и за нив потрошиле 8.543.658 евра. Дел од институциите ги купиле возилата, а друг дел ги набавиле на лизинг, најчесто оперативен, што значи дека по истекот на периодот на лизингот треба да ги вратат, иако за возилата плаќаат како да ги купиле. Нови возила набавиле 44 институции, а склучени се вкупно 72 договори за јавни набавки.
Најскапи возила,од по 55 илјади евра, набавиле: Општина Шуто Оризари, Државна видеолотарија, Општина Битола и Комуналец Кавадарци. Убедлив рекордер ќе беше Општина Прилеп која во декември 2024 година склучила договор за набавка на лизинг на возило од 63 илјади евра. Но, како што тврдат од општината, договорот е раскинат во февруари оваа година и возилото не е земено. Сепак, на Електронскиот систем за јавни набавки не е објавено раскинувањето на овој договор, се наведува во истражувањето.
Поединечно по институции, најмногу возила набавиле Електрани на Северна Македонија, 82 возила за вкупна вредност од 2,2 милиони евра. Исто толку пари, но за речиси двојно помалку возила, има потрошено и Владата, преку Службата за општи и заеднички работи, за набавката на лизинг на 45 возила, секое по 50 илјади евра. Следно на листата е Министерството за внатрешни работи, кое набавило вкупно 28 возила за 900 илјади евра. По повеќе од половина милион евра за нови возила потрошиле Агенцијата за национална безбедност, за набавени 23 возила, и Водостопанство, за набавени 15 возила.
DW