Во периодот од 23 септември, па се до 30 септември очекуваме “Мини Лето” и повисоки температури!

По долгиот период на невообичаено студено време за месец септември, кое беше проследено со чести врнежи, па дури истото го донесе и првиот снег за оваа сезона на највисоките планински врвови во Македонија, во периодот од 23 септември, па се до 30 септември, ни следува период на значително потопло време преку ден и со температури кои повторно ќе бидат малку над просекот за овој период од годината.

Секако, токму ова ќе биде  и проследено со претежно стабилно и суво време со многу сончеви периоди. Краткотрајна промена на времето очекуваме вечерта на 24 септември, и во среда (25 септември), кога од запад над нашата територија ќе помине еден влажен воздушен бран кој ќе ни донесе повремени врнежи од дожд, но сепак, веќе како што кажав сето ова ќе биде краткотрајно, па така од четврток повторно времето ќе се стабилизира  и ќе имаме многу сончеви периоди.

Наутро температурите ќе се спуштаат во интервалот од 8 до 15 степени, а само во почетокот на следната седмица ќе биде значително постудено кога температурите, особено во Беровскиот регион и на високите планински места наутро ќе се спуштаат и под 5 степени.

Преку ден во текот на следната седмица како што напоменав, ќе биде многу потопло за разлика од сега, кога температурите насекаде ќе надминуваат 20 степени, додека во централните  и во југоисточните предели тие, особено во втората половина од следната седмица, како и за време на следниот викенд ќе се искачат и над 30 степени, односно до околу 33 степени.

Се на се, следната седмица можете да уживате во “Мини Летото” кое се очекува кај нас, и секако барем според она што можам моментално да го кажам, тоа ќе продолжи и во првата седмица од месец Октомври.

Мора да напоменам дека, во делови од Централна  и Западна Европа во истиот период кога кај нас очекуваме “Мини Лето”, повторно очекуваме потпросечни температури и многу почести и пообилни врнежи. Исто така повеќе врнежи во тој период ќе има на северен Балкан, како и Долж Јадранското приморје, пишува во најновата анализа метеопрогнозерот Славчо Попоски.

 

 

meteoalarm.mk