Првата група верници од Северна Македонија се вратија од светите места, градовите Мека и Медина во Саудиска Арабија, каде што заминаа за да го извршат аџилакот – петтиот столб од исламот, јавува Агенција Анадолија (АА).
На Меѓународниот аеродром во Скопје аџиите, кои се вратија со директен лет од Медина, беа пречекани од членовите на семејството и им посакаа добредојде на своите најблиски кои своето патување го започнаа кон крајот на месец јуни.
Аџиите на аеродромот ги пречека поглаварот на Исламската верска заедница во Северна Македонија (ИВЗ), Шаќир Фетаху, кој истакна дека е задоволен и среќен поради тоа што сè поминало во најдобар ред.
„Сега бевме на пречек на аџиите кои доаѓаат од арапскиот свет, од светите места. И ние сме многу задоволни поради тоа што аџиите се задоволни со редот во светите места, убаво ги извршиле сите обврски што ги наложува аџилакот во Мека, а посебно посетите во градот на Мухамед, алејхи селам, градот Медина“, изјави поглаварот на ИВЗ, Фетаху.
На Меѓународниот аеродром во Скопје од Саудиска Арабија пристигна првата група, која сочинува 180 аџии, а во наредните денови се очекува да пристигнат и останатите. Вкуно на аџилак заминаа 919 лица.
извор: Агенција Анадолија (АА).
фото: Агенција Анадолија (АА).