Црногорските власти планираат да започнат со производство на беспилотни летала во соработка со компанија од Соединетите Држави, а првата серија ќе биде донирана на Украина, се вели во документот на Владата на Црна Гора.
Владата вели дека иницијативата е во согласност со заложбата на Црна Гора, која, меѓу другото, ќе ја зајакне домашната одбранбена индустрија.
„… Да се подобри способноста на Армијата во однос на НАТО, да се поддржат одбранбените потреби на Украина, како и позицијата на Црна Гора како посакуван снабдувач на најсовремена одбранбена опрема на глобалниот пазар“, информира црногорската влада.
Не е познато кога ќе започне производството и колку средства црногорските власти ќе издвојат за овие потреби.
Во документот се наведува дека договорот, со 15 милиони долари ќе биде поддржан од американската администрација предводена од претседателот Доналд Трамп. Патем, ова се пари што САД ги одвоија за војската на Црна Гора.
Што пишува во писмото за намери?
На седницата на 29 мај, Владата одобри „писмо за намери“ за инвестирање во производство на беспилотни летала (UAS) и развој на извозот од црногорските аеродроми.
Тоа писмо наскоро ќе го потпишат вицепремиерот и министер за економски развој, Ник Ѓељошај, и Роберт Џ. Донахју, директор на „By Light professional IT services LLC“.
Тоа ќе биде вовед во договорот што треба да биде потпишан во септември.
slobodnaevropa.mk