Со концертот со наслов „Поглед кон иднината/Eyes to the future“ на пијанистката Ема Попивода и албанската диџејка Реа Лемнуша, денеска во Тирана, Албанија, започнува манифестацијата „Недела на македонската култура“, која за првпат се реализира во оваа држава. По тој повод, градот Тирана ќе биде обоен со црвено-жолти бои и светла, а на главниот булевар ќе бидат истакнати македонски знамиња.
Во текот на неделата ќе се одржуваат концерти на македонски уметници, театарски претстави за возрасни и за деца, изложба на македонски народни носии, промоција на книги од македонски автори, дегустација на македонски вина и промоција на винскиот туризам во Македонија.
Неделата на македонската култура во Тирана е во организација на Амбасадата на Македонија и Културно-информативниот центар на Македонија во Тирана, со поддршка од Министерството за култура и туризам на Македонија, Министерството за економија, култура и иновации на Албанија и градот Тирана.
Неделата на македонска култура во Тирана, што ќе се одржи од 23. до 30.4.2025 година, има цел промоција на македонската култура, како и продлабочување на релациите и соработката на полето на културата и туризмот меѓу двете земји.
Во рамките на програмата ќе се реализираат следниве настани:
23.4.2025 г. – Концерт „Поглед кон иднината/Eyes to the future“ на Емилја Попивода – пијано и Реа Лемнуша – диџеј
25.4.2025 г. – Изложба на македонски народни носии и промоција на Монографија на македонските носии од проф. Владимир Јаневски
26.4.2025 г. – Промоција на македонски вина и на винскиот туризам во Македонија
30.4.2025 г. – Театарска претстава „8%?“ на режисерот Јовица Ристовски
vesnik-ilinden.com