Вчера во Швајцарија стапи во сила законот со кој се забранува покривање на лицето на јавни места, познат како „забрана за бурка“, а неговото прекршување може да се казни со парична казна до 1.000 швајцарски франци или 1.064 евра, објави „Свисинфо“.
Иницијативата против носење бурка беше одобрена од 51,2 отсто од швајцарските гласачи во март 2021 година. Исклучоците од законот вклучуваат покривање на лицето од безбедносни, временски или здравствени причини, а исто така ќе биде дозволено за уметнички, забавни или промотивни цели.
Од 1 јануари и швајцарските закони ќе станат поефикасни и во борбата против детските бракови.Браковите склучени во странство во кои се вклучени малолетници повеќе нема да се признаваат ако барем еден од сопружниците бил жител на Швајцарија во времето на бракот.
Промената на законот има за цел да ги спречи таканаречените детски бракови кои се случуваат кога семејствата патуваат во други земји каде што законската возраст за брак е помала. Дополнително, браковите во Швајцарија нема да се признаат доколку и двајцата сопружници немаат најмалку 16 години.