Американските воени лидери се сè повеќе загрижени дека Соединетите Држави се соочуваат со можноста глобалните жаришта да се претворат во продолжени, повеќефронтални конфликти поттикнати од главните противници на САД- Русија, Кина, Иран и Северна Кореја.
Во услови на заострување на врските меѓу четирите земји, ова веројатно значи дека кратките, географски ограничени војни – видот на конфронтации што американската војска во голема мера ги очекуваше – се минато, рекоа американски воени претставници на 13 мај во Вашингтон на конференција организирана од Центарот за стратешки и меѓународни студии (CSIS).
„Мислам дека мора веднаш да се верува дека ако има борба во една географска област, поради овие односи, тие веднаш ќе метастазираат или ќе имаат географско, геополитичко развлекување. Тоа не може да се избегне“, рече генералот Кристофер Махони, помошник командант на американскиот морнарички корпус.
Предупредувањето на Махони ја одразува растечката загриженост во Пентагон дека традиционалните претпоставки на Америка за ескалација на конфликтите повеќе не важат.
„Мислам дека идејата за краток, остар конфликт е фантазија. Едноставно нема да се случи“, рече Махони.
Руската инвазија на Украина – за која Кремљ наводно очекуваше дека ќе трае најмногу неколку недели – се приближува кон 40-тиот месец, а жестоките борби сè уште се водат по должината на 1000-километарската фронтова линија. Помошта што Москва ја доби од Кина, Иран и Северна Кореја веројатно го продолжи конфликтот.
Генералот Џејмс Мингус, заменик-началник на Генералштабот на армијата, истакна дека иако врските меѓу овие земји не се нови – Русија одржува пријателски односи со Иран и Северна Кореја со децении – длабочината на сегашната соработка, особено во технологијата и трансферот на оружје, означува опасна нова фаза.
„Ова ниво на споделување – треба многу да не загрижи“, рече Мингус.
slobodnaevropa.mk