Американскиот геолошки институт (USGS) објави дека продолжува да исфрла лава вулканот Килауеја на Хаваи, еден од најактивните вулкани во светот, известува Анадолу.
Геолошкиот институт на САД на својата веб-страницата објави дека вулканот ја достигнал петнаесеттата фаза на ерупција.
Во соопштението се наведува дека по ерупциите на лава од северниот отвор на кратерот, при што секоја ерупција траела од 5 до 10 минути, се активирал и јужниот отвор.
Лавата што се излеала од двата отвора на вулканот покривала приближно 5 % од основата на кратерот, а столбовите од лавата за време на ерупциите достигнале висина од 50 до 100 метри.
Од декември 2024 година досега вулканот Килауеја исфрли лава вкупно 15 пати.
Најкратката од овие ерупции траела 13 часа, а најдолгата осум дена.