Српскиот претседател Александар Вучиќ во јавно обраќање изјави дека испраќа барање до Владата на Србија за „најитна и најмасовна можна реконструкција“.
„Затоа што во овие тешки политички времиња стана јасно кој е подготвен да работи и да се бори, кој не е, и соодветно, очекувам повеќе од 50 проценти од министрите да бидат сменети во многу, многу итна реконструкција“, рече Вучиќ денеска (27 јануари).
Тој изјави дека во изминатите три месеци по несреќата на Железничката станица во Нови Сад во која загинаа 15 лица, создадена е „атмосфера која никому не му одговара“.
„Во тие три месеци слушнавме разни обвинувања кон државните органи, повици за уривање на државата, слушнавме многу неодговорни изјави, не само од опозицијата, туку и од нас, од редовите на власт“, додаде тој.
Вучиќ рече дека разговарал со владини претставници и оти тие „заклучиле дека им е важно да ја слушнат другата страна“ (студентите кои протестираат) и дека сакаат дијалог и разговор.
slobodnaevropa.mk