Вучиќ: Не сум како Асад, нема да побегнам

Српскиот претседател Александар Вучиќ ги обвини странските разузнавачки служби дека се обидуваат да го соборат поради ширењето на протестите во Србија и дека тој нема да побегне од земјата како соборениот сириски лидер Башар Асад.

Вучиќ вечерта на 9 декември објави видео порака на Инстаграм во која вели: „Ќе се борам за Србија и ќе му служам само на мојот српски народ и на сите други граѓани на Србија, никогаш нема да им служам на странците, на оние кои сакаат да ја поразат, понижат и уништат Србија“.

Противниците на популистичкиот лидер го споредија со Асад кој побегна во Москва по напредокот на бунтовниците, ставајќи крај на половина век железното владеење на неговото семејство.

Во видеото, Вучиќ тврди дека ширењето на протестите, на кои неодамна им се приклучија и студенти, се финансирани од Запад со намера да го соборат него и неговата влада од власт „со различни хибридни тактики кои се користат за поткопување на земјата“.

„Ако мислат дека сум Асад и дека ќе побегнам некаде, нема“, рече Вучиќ.

 

 

 

slobodnaevropa.mk