Гаши: Собранието е подготвено за уставните измени

По пораките од Европската комисија дека Северна Македонија треба што поскоро да го промени Уставот за да се забрза евроинтегративниот процес, претседателот на македонскиот парламент, Агрим Гаши вели дека Собранието е подготвено.

„Штом ќе има политички договор, подготвени сме да ја почнеме процедурата“, порача Гаши на брифинг со новинарите, одговарајќи на прашањето дали е можно започнување на процедурата за уставни измени до Нова Година.

Гаши вели дека веќе имаат обезбедено двотретинско мнозинство за гласање на уставните измени. „Мислам дека имаме две третини. Тој процес во Собрание мислиме дека лесно ќе помине и ќе го реализираме, но зависи од политичкиот моментум“, додаде тој.

И премиерот Христијан Мицкоскинеодамна во изјава за косовска телевизија, а потоа и на прес-конференција во Владата, рече дека владејачкото мнозинство можеби има и повеќе од 80 пратеници во Собранието.

„Кога ќе имаме потреба од 80 гласа во парламентот ќе се покаже во пракса“, изјави Мицкоски на 20 ноември, одговарајќи на новинарско прашање кои се пратениците што го поддржуваат мнозинството во парламентот.

Нема поместување од црвените линии
Новата еврокомесарка за проширување Марта Кос во средата (27.11) истакна дека очекува Северна Македонија да го промени Уставот, ниту помалку и ништо повеќе од тоа.

 

 

 

DW