Две лица загинаа во напад со нож во парк во градот Ашафенбург во покраината Баварија во Германија. Жртвите се двегодишно момче со мароканско потекло и 41-годишен случаен минувач, изјави баварскиот министер за внатрешни работи Јоаким Херман на прес-конференција по инцидентот. Три лица се повредени и според баварската министерка за здравство Јудит Герлах, тие се вон животна опасност. Се работи за уште едно дете, еден 61-но годишен маж и воспитувачката која била со децата на прошетка.
Индиции за ментална болест
Меѓу жртвите и уапсениот очигледно не постои никаква поврзаност. Мажот со кујнски нож „одеднаш и намерно“ се пуштил кон детенцето кои било дел од групата од градинка што поминувала покрај напаѓачот, рече Херман. 41-годишниот минувач веројатно сакал да ги заштити другите деца и со својата интервенција ги спасил од смрт, додава министерот. Претрес на станот на Авганистанецот не обезбедил докази за исламистичка позадина, објасни политичарот на ЦСУ, кој додаде дека „во моментов шпекулациите многу силно одат во насока на неговата очигледна ментална болест“. Во сместувалиштето на Авганистанецот биле пронајдени и соодветни лекови.
Три пати евидентирани насилни дејствија од напаѓачот
Напаѓачот бил на психијатриско лекување, рече Херман. Во минатото најмалку три пати бил упадлив со насилни дејствија, бил ставан на психијатриско лекување и повторно пуштан. Во Германија напаѓачот дошол кон средината на ноември 2022ра година. Пред месец и половина писмено најавил дека доброволно ќе ја напушти државата и тогаш се затворила постапката за азил.
Шолц: без „погрешно разбрана толеранција“
Сојузниот канцелар Олаф Шолц им изрази на жртвите и нивните семејства сочувство од сојузната влада. Властите сега „со полна пареа мора да работат на разјаснување“ зошто сторителот сѐ уште бил во Германија. „Уморен сум од вакви акти на насилство на секои неколку недели“, порачува политичарот од СПД, според едно соопштение. „И тоа од насилници кои всушност дошле кај нас барајќи заштита. Погрешно разбрана толеранција е сосема несоодветна“, рече Шолц и додаде дека од сознанијата мора веднаш да се извлечат заклучоци. „Не е доволно да се зборува“, вели Шолц, кој нападот го нараче „невозможен чин на тероризам“. Според портпаролот на владата, Шолц уште вечерва сака средба со шефовите на безбедносните власти. На разговорите во Кабинетот ќе учествува и сојузната министерка за внатрешни работи Ненси Фезер. Таа сочувствува со родителите на убиеното дете, како и со семејството на човекот „кој го загуби животот во овој брутален чин“, рече министерката. Таа на тешко повредените им посакува „со цело срце повторно да закрепнат“
Мерц: „Длабоко потресен“
Премиерот на Баварија, Маркус Зедер, зборуваше за „ужасен ден за цела Баварија“. Вицепремиерот и шеф на Слободните гласачи, кои во коалиција со ЦСУ владеат во Баварија, Хуберт Ајвангер, зборуваше за „длабока болка со оглед на драмата“. „Но, тагата веќе не е доволна – мора консеквентно да постапуваме против криминалци и оние кои ја загрозуваат нашата безбедност“, нагласи тој. Сојузниот претседател на ЦДУ и кандидат за канцелар од редовите на Унијата, Фридрих Мерц, исто така беше „длабоко потресен“ и порача дека „вака не може понатаму“. „Мора и ќе воспоставиме повторно ред и поредок“, рече Мерц.
DW