Германија и Русија не се ниту во војна ниту во мир, а германското општество и Бундесверот мора да станат многу свесни за тоа, доколку сакаат да ја развијат потребната способност за соочување со проблемите, оценува, меѓу другото, во интервјуто за ДВ генералот Карстен Бројер, генерален инспектор на Бундесверот, што е германски назив за началник на Генералштабот.
„Категориите мир, криза или војна, кои сакаме да ги користиме, руската страна не ги користи“, вели тој. „Русија ја гледа војната како континуитет и користи мерки кои можат да изгледаат како војна, но веројатно сè уште не се војна“, рече Бројер, додавајќи дека мисли првенствено на хибридните мерки.
„Затоа се создава ситуација која веќе не е целосно мир, но не е ниту воена состојба. Во таа сива зона се наоѓаме во однос на Русија“, оцени генералот.
Русија би можела да ја нападне територијата на НАТО во 2029 година
Бројер вели дека актуелните анализи покажуваат дека Русија значително го зголемува својот воен потенцијал, меѓу другото и со поправка на тенкови, но и со производство на нови, што изнесува вкупно 1.500 тенкови годишно.
„А, тие 1.500 тенкови и четири милиони парчиња артилериска муниција […] не одат веднаш на украинскиот фронт, туку во складишта, каде што ги подготвуваат и складираат“, вели тој.
„Истовремено, гледаме дека Русија ќе го зголеми бројот на војници во наредните години на милион и пол. И гледаме нови воени структури, воени области кои се јасно насочени против Западот“, објаснува Бројер.
„Ако сето тоа го поврземе со намерите на Путин, кои можеме да ги извлечеме од неговите говори и видео пораки […] јасно зборува дека 2029 година е времето кога зголемувањето на количината на материјал и бројот на луѓе ќе бидат толку големи што ќе биде возможен напад на територијата на НАТО“, заклучува Бројер.
Бундесверот мора да расте
На прашањето што може да направи идната германска влада за да ја подготви земјата за можна руска агресија, Бројер вели дека германската војска мора да се зголеми.
„Од воена гледна точка, можам да кажам дека мора да имаме потенцијал за раст. Тоа значи дека мора да ги зголемиме нашите воени сили. Нашите пресметки велат дека мора да достигнеме бројка од 460.000 војници, вклучувајќи резервисти и активни војници“, посочи германскиот генерал. „Тој потенцијал за раст мора да се обезбеди преку некаква форма на воена служба, или задолжително или доброволно.“
Освен тоа, Бројер повикува на напори за зајакнување на капацитетот за отпор во целото германско општество.
„Мораме да се соочиме со таа можност (руска агресија). Мораме да се соочиме со најлошата можност, но не и велејќи ‘нешто ќе се случи, но ние не можеме да направиме ништо во врска со тоа’. Наместо тоа, мораме да се соочиме, за да сме свесни за можноста да се спротивставиме на таквата закана. Тоа е отпорност. Го правиме општеството посилно и поотпорно преку соработката на сите фактори, со тоа што ќе ја натераме политиката, општеството, економијата и војската да се соочат со оваа закана и заедно да размислат што можеме да направиме против неа“, вели Бројер.
„Тоа не е нешто на што можеме само да реагираме, туку каде можеме да бидеме активни. И мораме да ја достигнеме таа состојба на позитивна акција“, заклучува генералот Карстен Бројер во интервјуто за ДВ.
DW