Германија предлага воспоставување нов заеднички систем за противвоздушна одбрана во Европа

Германија денес предложи создавање на нов заеднички систем за противвоздушна одбрана во Европа, јавува Агенција Анадолија (АА).

Германскиот канцелар Олаф Шолц рече дека Германија одлучила да ги зајакне своите капацитети за воздушна одбрана и дека сака да работи со своите партнери од Европската Унија (ЕУ) за развивање на поширок систем.

„Во Европа имаме сериозно заостанување во однос на воздушната одбрана, против заканите од воздух и од вселената“, рече тој во говорот на Универзитетот Карлов во Прага.

„Како Германија, ќе инвестираме значајно во нашата противвоздушна одбрана во наредните години и сето тоа ќе може да се распореди во рамките на НАТО. Тоа ќе го направиме на начин кој би бил отворен за учество на нашите европски соседи“, додаде тој.

Шолц ги наброи Чешката Република, Словачка, Полска и скандинавските земји меѓу можните партнери на Германија за новиот европски систем за воздушна одбрана.

„Ако заеднички развиеме систем за противвоздушна одбрана во Европа, тој не само што ќе биде поефикасен и поисплатлив, туку тоа би била безбедносна придобивка за Европа како целина и извонреден пример за зајакнување на европскиот столб во рамките на НАТО“, нагласи германскиот канцелар.

извор: Агенција Анадолија (АА).

фото: Агенција Анадолија (АА).