Германија сака да ги враќа бегалците во Сирија

Сириските криминалци да бидат депортирани во татковината – да или не? Дебатата за ова повторно се разгоре во Германија по веројатно џихадистичкиот напад со нож од човек со сириско потекло во западногерманскиот град Солинген и триумфот на делумно десничарско екстремистичката Алтернатива за Германија (АфД) на изборите во источните германски покраини Саксонија и Тирингија – особено, но не само во однос на барателите на азил кои извршиле кривични дела. Медиумските извештаи за бегалци кои наводно летуваат во својата татковина, исто така ги поттикнаа дискусиите. Но, каква е ситуацијата во самата Сирија?

Сирија во моментов е поделена на четири територии под различна власт. Поголемиот дел од земјата – околу 60 проценти – е контролиран од режимот на претседателот Башар ал-Асад. Мал агол на северозапад е под контрола на радикалната исламистичка група Хајат Тахрир ал-Шам. На север, Турција контролира два појаси кои се граничат директно со нејзината територија. На североисток, пак, претежно владеат курдски сили.

Ниту еден од овие четири региони не нуди безбедност, нагласува политикологот Андре Банк од Германскиот институт за глобални и регионални студии (ГИГА), кој заедно со експертот за Блискиот Исток, Роња Хершнер е автор на неодамна објавената студија за безбедносната ситуација во Сирија. „Според мене, во моментов се забранети депортации во сите четири региони на земјата“, вели Банк за ДВ.

„Еден од најрепресивните режими во светот“
Околу 9,6 милиони луѓе живеат во делот од земјата под контрола на Асад, се наведува во студијата. Режимот на Асад, „еден од најрепресивните режими во светот“ според студијата, продолжува да практикува присилни исчезнувања, воени судења и тортура во големи размери. Режимот исто така одбива да даде информации за судбината на повеќе од 125.000 затвореници.

Познати се случаи на депортирани Сиријци од Либан кои исчезнале без трага откако ја преминале границата во Сирија, вели експертот за Блискиот Исток и политички консултант Карстен Виланд во интервју за ДВ. „Веројатно биле уапсени од една од тајните служби и веројатно мачени или дури и убиени. Документирана е цела серија случаи на исчезнати лица.”

Фактот дека многу бегалци претпочитаат да живеат под мизерни услови во кампови во Либан или Јордан, наместо да се вратат дома, е показател за тоа што очекуваат ако се вратат: „Тие не се загрижени дека не би се вратиле во редовен, регулиран живот во Сирија. Тие стравуваат за својот живот”, вели Виланд.

Радикални исламисти и руски воздушни напади
Ситуацијата во Идлиб во северозападна Сирија тешко дека е подобра. Околу три милиони луѓе живеат во регионот под контрола на радикалната исламистичка организација Хајат Тахрир ал-Шам – 1,7 милиони од нив како внатрешно раселени лица. Животната состојба на речиси сите жители речиси целосно зависи од надворешната помош од ОН. Според студијата напишана од Банк и Хершнер, над 80 отсто од луѓето немаат соодветен пристап до вода за пиење и санитарни услови.

Покрај тоа, јужните и источните делови на регионот постојано се цел на руски воздушни напади. Москва долго време го поддржува режимот на Асад. Овие напади повторно се зголемија од почетокот на војната во Газа. Како резултат на тоа, околу 160.000 луѓе биле раселени во северозападниот дел само помеѓу октомври и декември 2023 година, често по втор или трет пат, според студијата.

На ова се надоврзува и авторитарното владеење на самите џихадисти кои произлегоа од опкружувањето на Ал Каеда, вели експертот за Сирија, Карстен Виланд. Радикалните исламисти донекаде ја ублажија својата идеологија. „Но, се разбира, ним сè уште им е важна контролата – посебно за жените, чии права се ригорозно ограничени.” Експертот вели дека луѓето кои размислуваат поинаку се исто така изложени на ризик: „Бунтувањето е опасно по живот“.

 

DW