Германија се подготвува за бегалците од Украина

По рускиот напад на Украина, многу Украинци ги напуштија своите домови и побегнаа на запад. Германската влада се подготвува да обезбеди итна помош за бегалците. Може да ги има илјадници, а можеби и милиони.

 Германската железница ќе им го олеснува на луѓето од Украина бегството кон Германија. „Германска железница им овозможува на бегалците со украински пасош или лична карта да ги користат бесплатно сите возови од Полска во насока на Германија“, соопшти денеска концернот. Одлуката стапува во сила веднаш. Германската железница, како што се вели, тесно соработува со властите и партнерските железници во Полска, Чешка и Австрија.

Украина е оддалечена околу 1.300 километри од Германија. Експертите предвидуваат дека стотици илјади, а можеби и милиони луѓе ќе се обидат да побегнат од областите зафатени од војна. Високиот комесаријат за бегалци на Обединетите нации (УНХЦР) проценува дека околу 368.000 Украинци веќе ги напуштиле своите домови.

„Сметаме на многу сценарија“ 

Уште пред руската инвазија, германската министерка за внатрешни работи, Ненси Фезер (СПД), посочи дека Германија се подготвува за хуманитарен предизвик. Претходно оваа недела во Виена таа рече: „Будни сме и подготвени за сите можни сценарија“ и додаде: „Се подготвуваме првенствено да им помогнеме на соседните земји, ова е првото сценарио“.

Во четвртокот, првиот ден од нападот на Украина, таа додаде: „Ќе им пружиме голема поддршка на погодените земји, особено на нашиот сосед Полска, доколку има поголеми движења на бегалците“.

Сепак, според Гералд Кнаус, експерт за миграција, Украинците, со оглед на тоа што сега лесно можат да влезат во Европската Унија и да останат три месеци, нема да останат само во соседните земји:

„Движењето на бегалците нема да остане проблем само за соседните земји, бидејќи Украинците имаат право да влезат во ЕУ без виза и без барања за азил. И тие можат легално да патуваат во која било европска земја“.

Заштита на западниот дел на Украина 

Во Украина живеат 41 милион луѓе. Според Обединетите нации, врз основа на искуството по руската анексија на Крим во 2014 година, многу експерти претпоставуваат дека повеќето бегалци првично ќе бараат заштита во западниот дел на Украина.

Тогаш цел на движењето на бегалците ќе бидат директните соседи на запад, а пред сѐ Полска, каде досега пристигнале околу 200.000 бегалци. Околу милион Украинци веќе живеат во Полска, а меѓу луѓето до двете земји има бројни семејни и пријателски врски. Германија веќе ѝ вети хуманитарна помош на Полска. Но, земји како Молдавија, Романија, Унгарија и Словачка исто така се дестинации за украински бегалци.

Не смееме да ги затвораме границите 

Во Германија, „Про Азил“, организација за заштита на правата на бегалците, побара да не им се дозволи на земјите од источна ЕУ да ги затворат границите за бегалците од Украина: „Ова мора да важи и за илјадниците транзитни бегалци кои веќе се во Украина, каде дошле за да побегнат од други судири. Тоа се луѓе од Сирија, Авганистан, Чеченија и Сомалија“, се наведува во соопштението. Во него се додава дека можноста украинските граѓани да влезат во ЕУ без визи, која постои од 2017 година, сега е особено важна.

Карл Коп од организацијата „Про азил“ за ДВ вели дека и Германија треба да се подготви за директно доаѓање на луѓе од Украина. „И во Германија мора да сметаме на сѐ, бидејќи имаме сосема нова ситуација. Би можеле да дојдат неколку илјади или неколку милиони луѓе“.

Во Германија живеат околу 130.000 луѓе со украинско потекло кои сега би можеле да се обидат да ги донесат членовите на семејството или пријателите. Коп нагласува дека Германија е способна тоа да го направи. „Можеме да го сториме тоа! Германија има функционален систем за прифаќање и може да создаде капацитети за сместување преку соработка на сојузот со покраинските власти“.

Гералд Кнаус верува дека ова се вистинските чекори, но во исто време ги опишува своите искуства по руската анексија на Крим во 2014 година: „Кога започна војната во Украина, бројот на внатрешно раселени лица се искачи на повеќе од еден милион за неколку месеци. Но, бројот на барања за азил во ЕУ беше само 20.000 во 2015 година, а потоа падна на 10.000“.

Кнаус смета дека нешто друго е поважно: „Сфатете го сериозно она што се ветува со години: да се борите против причината за бегството. Причината за бегството е рускиот напад. И сега треба да се запрашаме дали ги презедовме сите можни мерки за да извршиме притисок врз Русија“.

 

извор/фото: Дојче Веле