Германски експерти: Поради Трамп, НАТО „нема иднина“

Нивниот поглед на иднината е мрачен. „Кој или што друго може да го спаси мирот?“, прашуваат водечките германски истражувачи за мир и конфликти во нивниот Извештај за мир 2025. Војни во Украина, во Појасот Газа, во Судан, повеќе од 122 милиони бегалци, бројни насилни конфликти низ целиот свет.

Научници од четири германски истражувачки институти анализираат меѓународни конфликти годишно почнувајќи од 1987 година и формулираат препораки за политички одлуки во Германија. Ретко имало толку многу песимизам како оваа година.

„Во последните години, фокусот на нашата анализа беше  рускиот напад врз Украина  и намерното уништување на европскиот мир и безбедносен поредок од страна на Русија“, изјави Кристофер Дазе од Институтот Лајбниц за истражување на мирот и конфликтите, презентирајќи го извештајот во Берлин.

Во меѓувреме, безбедносната ситуација се влоши уште повеќе. „Со САД како дополнителен фактор на несигурност.“

Остри критики кон Доналд Трамп

Овогодинешниот Извештај за мир става посебен акцент на политичките промени во САД – анализата е исклучително остра. Американскиот претседател Доналд Трамп и „неговото движење МАГА“ успеаја „за многу краток временски период и без голем отпор“ да ја претворат најстарата демократија во светот во авторитарен режим, пишуваат истражувачите.

А на меѓународно ниво, велат тие, активно работат на „уништување на либералните институции и достигнувања“. „Авторитарните владетели и диктатори се пречекуваат со почести, додека  десничарските популистички движења во либералните демократии се поддржани”.

Истражувачот на конфликти Кристофер Дазе предупредува на опасноста од „авторитарна зараза“. И во Европа, вели тој, веќе се видливи загрижувачки тенденции – како што се поткопувањето на меѓународната правда, доведувањето во прашање на слободата на науката и посегнувањето по автономијата на општествените актери, како што се црквите.

Дали НАТО е мртов?

Трансатлантското партнерство со САД, „онакво како што го знаеме, е завршено“, се наведува во Извештајот за мирот. Според истражувачите, ова важи и за воената соработка.

„Веродостојноста на ветувањето за меѓусебна помош во рамките на  НАТО е доведена во прашање, а  зближувањето меѓу САД и Русија  може да биде на сметка не само на Украина, туку и на сметка на европските интереси“.

Од ова произлегува директна закана за Германија и Европа. „Имаме проблем што во моментов ништо не функционира без НАТО, па затоа никој сериозно не сака да зборува за неговиот крај – иако неговата вредносна основа во суштина веќе исчезна“, вели Кристофер Дeзе.

На прашањето дали НАТО е мртов, тој не негира: „Работиме на надминување на НАТО“, објаснува тој, мислејќи притоа на стратегијата за соработка со НАТО што е можно подолго, а во исто време и зајакнување на европските безбедносни капацитети.

Европејците мора да ги збијат своите редови

Во Извештајот за мирот, на германската влада ѝ се препорачува да следи „транспарентен, структуриран план за постепена изградба и интеграција на европските одбранбени структури“.

Сепак, Европската Унија е сè уште далеку од тоа. „Она што моментално го гледаме во ЕУ не е зајакнување на европските одбранбени капацитети во рамките на заедничка политика, туку зајакнување на националните воени капацитети на поединечните членки“, вели Урсула Шредер од Институтот за мировни истражувања и безбедносна политика на Универзитетот во Хамбург.

Концептот на безбедност не смее да се сведе само на воениот аспект. Безбедносната архитектура вклучува и „контрола на оружјето, мерки за градење доверба и дипломатија“, нагласува Конрад Шетер од Меѓународниот центар за проучување на конфликти во Бон. Ефективната развојна политика исто така игра важна улога. Во исто време, зголемената милитаризација не треба да служи како „дозвола за неограничен извоз на оружје во целиот свет“.

 

DW