Во Германија владее кризно расположение. На стопанството не му оди добро, сѐ повеќе претпријатија планираат да го намалат бројот на вработени. Освен тоа, скапотијата продолжува, а распадот на владејачката коалиција значи дека на 23 февруари ќе се одржат предвремени избори.
Сепак, според месечната анкета на јавното мислење Дојчландтренд, која ја објавува јавниот сервис АРД, најголем страв кај Германците буди помислата дека војната во Европа може да се прошири и дека Владимир Путин може да нападне други држави освен Украина – ова е голема или најголема грижа за дури 65 отсто од испитаниците.
Веднаш на второ место – 61 отсто од луѓето стравуваат од можноста Германија да биде вовлечена во војната во Украина. Дури на трето место (59 отсто) е загриженоста на граѓаните дека Германија нема да добие стабилна влада и по предвремените избори.
Мерц е голем фаворит
А според истражувањето за партиската поддршка, тоа навистина ќе биде тешка задача: речиси е сигурно дека ќе има промена и дека Демохристијаните (33 проценти од поддршката) ќе го добијат мандатот за формирање влада, но потоа станува комплицирано.
Втората по големина пратеничка група во Бундестагот најверојатно ќе биде десничарската Алтернатива за Германија, која ја поддржуваат 19 отсто од испитаниците. Демохристијаните ја исклучуваат можноста за соработка со АфД.
Како можни партнери се Социјалдемократите и актуелниот канцелар Олаф Шолц, кои паднаа на само 14 отсто поддршка, исто колку и Зелените.
Тоа значи дека веројатниот иден канцелар Фридрих Мерц ќе мора да работи напорно за стабилна коалиција.
Иако победата му се насмевнува, дури 60 отсто од граѓаните не веруваат дека Мерц ќе биде добар канцелар.
Еден партнер нема да биде доволен
Можно е дури и еден партнер во власта да не биде доволен за да се создаде математичко мнозинство.
Традиционалните партнери на Демохристијаните, германските Либерали, откако ја поткопаа владата на канцеларот Шолц, значително паднаа, на само три отсто, што е под изборниот праг.
Левичарската алијанса Сара Вагенкнехт (БСВ) треба да го помине изборниот праг со пет проценти. Партијата на левицата има само теоретски шанси за тоа. Иако се далеку под прагот, ќе влезат во Бундестагот доколку освојат три директни мандати во изборните единици.
Мнозинството смета дека Киев ќе мора да се откаже од дел од територијата
Една од главните теми во изборната кампања е и прашањето дали Германија и натаму треба да ја поддржува Украина во војната против Русија. Поголемиот дел од демократските партии се за тоа Германија да продолжи да ја поддржува Украина, иако постојат разлики во деталите на кој начин да се врши тоа. АфД е против, а Сојузот Сара Вагенкнехт е многу скептичен. Што мислат Германците, колку им е важна оваа тема?
Бројот на граѓани кои сметаат дека Германија „премногу“ ја поддржува Украина во воените напори постојано се зголемува (39 отсто, што е за 3 отсто повеќе од минатиот месец).
Дури 78 отсто од анкетираните веруваат дека само Украина може да одлучи кога и како да преговара за мир, иако 53 отсто сметаат дека Киев ќе мора да отстапи дел од својата територија за војната да заврши.
DW