Преговорите се отворени и скринингот започна. Одржувањето на наредната меѓувладина конференција зависи од билатералниот договор меѓу двете засегнати земји. Ако не ги направите уставните измени веројатно преговарачкиот процес ќе запре и ќе се чека решавањето на ова прашање, вели евроамбасадорот Дејвид Гир во неделното интервју на Радио Слободна Европа.
РСЕ: Амбасадоре Гир, преговорите со ЕУ се условени со внесувањето на Бугарите во македонскиот Устав. Доколку не бидат донесени уставните измени, дали тоа значи дека процесот на преговори ќе биде блокиран?
Дејвид Гир: Со начинот на којшто договорот е направен, преговорите се отворени. Скринингот започна и имавме нешто што е наречено меѓувладина конференција со која започна целиот процес. Кога скринингот ќе биде завршен во оваа фаза, да одите на наредната точка е потребно да има друга меѓувладина конференција. Одржувањето на таа меѓувладина конференција зависи од овој билатерален договор меѓу двете засегнати земји. Секако, тоа е суверена одлука за Северна Македонија да го смени Уставот, иако веќе имате добар учинок во меѓуетничките односи и ова понатаму само ќе го дефинира тоа. Но, што ќе се случи ако не оди напред. Мислам дека најверојатното сценарио ќе биде преговарачкиот процес да запре таму. Ќе го завршите скринингот, но одржувањето на меѓувладината конференција и следните чекори ќе го чекаат решавањето на ова прашање. Не бидејќи трета земја дошла и ставила вето, туку бидејќи оваа земја решила да се повлече од обврската која е направена билатерално со Бугарија.
РСЕ: За да се донесат уставните измени потребно е двотретинско мнозинство, односно за нив треба да гласат и пратеници на ВМРО-ДПМНЕ. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски најави референдум за преговарачката рамка со Бугарија. Каков е вашиот став за евентуално одржување на референдум?
Дејвид Гир: Најпрвин за прашањето за одржување на евентуален референдум јас повторно ќе кажам дека ова е суверена одлука за оваа земја да ја направи затоа нема конкретно да коментирам за тоа. Но, повторно можеби може да се вратиме наназад и да ја видиме големата слика овде. Стратешкиот избор кој оваа земја го направи бројни години е да влезе во ЕУ и процесот сега започна. Зошто е важен. Има бројни јасни причини зошто оваа земја ќе има корист од членството во ЕУ и ЕУ ќе има корист да ве има како дел од семејството. На економска страна, ЕУ е најголемиот единствен пазар во светот и исто така ваш сосед. Ова нуди огромни можности за бизнис, за трговија, за инвестиции, за подобрување на животниот стандард и средствата за живот, за осигурување дека младите луѓе ќе ги развијат неопходните вештини да се натпреваруваат на пазарот на труд во овој поголем единствен пазар. Но, не е само тоа. Има и други многу јасни бенефиции од членството во ЕУ.
РСЕ: Пред некој ден имавте средба со Мицкоски. Зборувате ли за референдумот и уставните измени?
Дејвид Гир: Всушност имав средби со лидерите на сите партии и ќе продолжам да го правам тоа. Речиси сите партии и ќе продолжам да го правам тоа во претстојните месеци како дел од нашите регуларни контакти. Се разбира имаме многу отворени разговори за сите прашања, особено за отворањето на процесот на преговори и следните чекори напред и тие разговори со сите различни партии мислам дека се важни за да ја објасниме нашата позиција и да ја разбереме позицијата на другите.
РСЕ: Има ли волја кај Мицкоски за донесување на уставните измени?
Дејвид Гир: Јас мислам дека е на ВМРО-ДПМНЕ да ја постави својата позиција на овие различна прашања, како што е на сите партии да го направат тоа. Не сакам да навлегувам и да давам ставови за специфични партии. Ние сме спремни да разговараме со сите партнери кои се посветени на евроинтегративниот пат.
РСЕ: Колку ЕУ ќе биде гарант дека Бугарија нема да ги кочи и блокира преговорите и во случај кога Северна Македонија ќе ги исполнува своите обврски од билатералниот протокол?
Дејвид Гир: За време на консултациите и јавната дебата во однос на отворање на преговорите за членство и овој договор имаше многу емоции, многу загрижености за националниот идентитет. Луѓето велеа националниот идентитет ќе биде ставен под сомнеж. Дали ова ќе биде како што некои рекоа бугаризација на земјата преку процесот за членство. Повторно, ние сите така ги слушнавме лидерите на Европскиот совет, претседателот на Европскиот совет, претседателот на Европската комисија. Двајцата клучни играчи во процесот за членство. Тие подвлекоа дека процесот за членство ќе се врши врз основа на европските стандарди и европски принципи и тие отидоа подалеку да кажат дека овие прашања како идентитетските прашања не може да бидат услови или одредници во самиот процес за членство. Претседателката Фон дер Лајен пред Парламентот, за време на дебатата таму, исто така додаде дека интерпретацијата на историјата на пример се примери на нешта кои не треба да бидат вклучени. И не е дека билатералните прашања во преговорите за членство не биле покренати никогаш порано. Биле покренати во други процеси. Словенија, Хрватска. Други земји исто така. Има интерес во ЕУ. Меѓу земјите членки. Во институциите процесот да се гледа низ фокусот на прашањата на кои треба да се фокусира како реформите кои треба да бидат спроведени. Така што мислам дека има многу јасни индиции од ЕУ и од земјите членки дека сакаат овој процес да ги следи европските стандарди и европските принципи. Ние ги разбираме идентитетските прашања. Всушност минатата недела кога бев на меѓувладината конференција, високиот претставник и заменик претседател на ЕК, Борел конкретно кажа дека ги разбираме идентитетските прашања, но не го губите идентитетот за време на процесот. Ниту една земја не го направи тоа. Како што кажав во неколку прилики досега. Мислам видете ги земјите кои станаа членки. Дали Шпанците станаа помалку Шпанци. Дали Естонците кои се од помала земја станаа помалку Естонци. Дали Малтежаните од уште помала земја станаа помалку Малтежани. Не. Јасно дека не и нема причина оваа земја да го става својот идентитет под сомнеж. Исто така е важно, бидејќи ме прашавте дали има гаранции и мора да бидеме јасни, нема гаранции. Самиот процес нема 100 процентни гаранции. Самиот процес се состои од серија на моменти кога едногласни одлуки треба да се донесат. Така функционира за сите земји. Ниту една преговарачка рамка не може да гарантира дека други прашања нема да бидат покренати. Доколку бидат покренати ЕУ како што има направено во други процеси за членство ќе се справи со нив.
РСЕ: Шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров изјави дека има впечатлива разлика помеѓу она што Македонците и Црногорците го чувствуваат за Русија и она што нивните политичари го прават под принуда од Брисел, ЕУ и НАТО. Колку незадоволството кај граѓаните од условувањата на Северна Македонија предизвикува проруско или антизападно расположение?
Дејвид Гир: Одлуката да станете членка на ЕУ е една суверена одлука на оваа земја да ја направи. Веќе го избравте тој пат. Тоа е пат кој е секогаш отворен и на земјата е да одлучи за алтернативи, иако согласно причините кои ги дадов мала е конкуренцијата. Но, е суверена одлука. Доброволен проект е базиран врз реформи, базиран врз демократски принципи. Можно е и ако сте членка да си заминете. Го видовме тоа со Обединетото Кралство. Така што целиот проект и целиот пристап не е врз база на принуда, туку е базиран на соработка и доброволна желба да се приклучите и да бидете дел од оваа унија која е основана на фундаментални демократски принципи. Ако се вратиме чекор наназад и ја видиме неоправданата и неиспровоцираната војна на Русија во Украина, бомбардирањето на градови, населби, училишта, градинки го гледаме потполно спротивното. Така што не сум сигурен дека министерот за ндворешни работи Лавров е вистинското место да ни дава лекции за присила или неприсила.
РСЕ: Амбасадоре Гир, по одржувањето на меѓувладината политичка конференција на ЕУ и Северна Македонија започна скрининг процесот. Која е разликата со скрининг процесот кој започна во 2018 година?
Дејвид Гир: Скрининг процесот се состои од две фази. Најпрвин објаснувачкиот скрининг како што го нарекуваме, кој е процес кога ЕК го објаснува поширокиот процес. Што може да очекувате. Временската рамка. Како да му пристапите. И тоа веќе всушност има добар напредок бидејќи со право кажувате дека голем дел од подготвителната работа се направи пред отворање на преговорите. Тоа е работата. Разликата сега е дека преговорите се отворени и фазите се објаснувачкиот скрининг и втората фаза е билатералниот скрининг. Што е билатералниот скрининг? Ова е кога одиме во многу детали и ја гледаме ситуацијата во различни сектори. Започнуваме со таканаречените фундаментални права кои меѓудругото го вклучуваат владеење на правото. Значи гледаме во деталите и каде се празнините и слабостите и ги поправаме оние одредници кои треба да се пресретнат со цел да се осигураме дека земјата остварува напредок на вистински начин во овие реформи. Не само да се усогласи законодавството, туку да се осигураме дека законите се имплементирани на крајот и се на сила.
РСЕ: Кога и на кој јазик ќе биде потпишан договорот за соработка со Фронтекс?
Дејвид Гир: Фронтекс е значаен договор, затоа што помага да се осигура менаџирањето со границите тука според европските стандарди, затоа е во интерес на безбедноста за сите нас. Европската комисија многу активно го зема ова предвид и се надеваме дека тоа ќе биде завршено многу наскоро. Не можам да ви дадам конкретен датум, бидејќи се уште трае расправата за тоа, но многу се активни. На кои јазици? Па, штом се постигне согласност ќе биде објавен на 24-те официјални јазици на Европската унија и на македонски јазик. Навистина, тоа веќе го рече и претседателката Фон дер Лајен.
РСЕ: Дали непризнавањето на македонскиот јазик од страна на Бугарија ќе игра некаква улога во официјалната комуникација со ЕУ?
Дејвид Гир: Она што е важно е што имате преговарачка рамка, во која македонскиот јазик е вклучен како таков, без појаснувања и без фусноти. Тоа е база по која ние ќе се движиме во иднина во однос на македонскиот јазик. Да се вратиме на таа соба во Брисел, ако бевте таму ќе видевте на кабините, велеше македонски јазик на англиски, значи веќе се користи. Унилатералните изјави, за кои многу луѓе шпекулираа, се многу вообичаен начин во ЕУ на кој засегнатите земји им даваат контекст на одлуките. Она што е важно, во основа, е што се движиме напред, македонскиот јазик е тука, и тоа е она што Европската унија го посочува, без квалификации.
Интервјуто во целост на: Радио Слободна Европа.