Гласање во Конгресот и можна забрана за Тик-Ток во САД

Многу западни земји направија значителни напори во текот на изминатата година за да го ограничат пристапот до Тик-Ток, масовно популарната видео апликација за кратки видео записи во сопственост на кинеската компанија ByteDance, повикувајќи се на безбедносни закани.

На почетокот на март оваа година, клучниот комитет на Претставничкиот дом на САД едногласно го одобри нацрт-законот со кој на кинеската компанија ByteDance и се дадени шест месеци да ја отфрли и продаде апликацијата или ќе се соочи со забрана на Тик-Ток во САД. Евентуалното гласање на Претставничкиот дом се очекува кон крајот на оваа недела, додека претседателот Џо Бајден најави дека е подготвен да го потпише законот.

Сепак, критичарите веруваат дека потенцијалната забрана на Тик-Ток може да се соочи со правни предизвици врз основа на Првиот амандман на Уставот на САД, пишуваат светските медиуми.

Продажба или забрана

Гласањето на Комитетот за енергетика и трговија на 7 март го означи најзначајниот притисок за американско сузбивање на Тик-Ток, апликација која има околу 170 милиони американски корисници, откако претседателот Доналд Трамп неуспешно се обиде да ја забрани апликацијата во 2020 година, објави Ројтерс, додавајќи дека претходните напори имале застој во текот на изминатата година поради големото лобирање на компанијата.

Водачот на мнозинството во Претставничкиот дом, Стив Скализ, на платформата Х рече дека пратениците оваа недела ќе гласаат „за да го принудат Тик-Ток да ги прекине своите врски со Кинеската Комунистичка партија“.

„Тик-Ток“, кој инсистира дека не споделува и нема да споделува кориснички податоци од САД со кинеската влада, тврди дека законот е всушност забрана и не е јасно дали Кина ќе одобри каква било продажба и дали би можела да биде продадена за шест месеци.

„Овој предлог-закон има однапред одреден исход: целосна забрана за Тик-Ток во Соединетите Држави. Владата се обидува да им го одземе уставното право на слободно изразување на 170 милиони Американци“, соопшти компанијата по гласањето на комитетот во Конгресот.

Сепак, портпаролката на Белата куќа, Карин Жан-Пјер, го пофали предлогот на Комитетот, велејќи дека администрацијата сака „да го види овој предлог-закон подготвен за да може да стигне до масата на претседателот“.

 

 

slobodnaevropa.mk