Глечерите во светот ќе се изгубат до 2050 година

Глечерите ширум светот – вклучувајќи ги и последните во Африка – неизбежно ќе бидат изгубени до 2050 година поради климатските промени, се вели во извештајот на ОН.

Третина од глечерите лоцирани во Светското наследство на ОН ќе се стопат во рок од три децении, се наведува во извештајот на УНЕСКО, пишува Би-би-си.

Ќе исчезнат последните глечери на планината Килиманџаро, како и глечерите на Алпите и националниот парк Јосемит во САД.

Тие ќе се стопат без оглед на активностите на светот во борбата против климатските промени, велат авторите на извештајот.

Проекциите се засноваат на претходен извештај кој користел модели за да пресмета како глечерите на Светското наследство ќе се менуваат со текот на времето.

„Она што е сосема без преседан во историските записи е колку брзо тоа се случува. Во средината на 1900-тите глечерите беа прилично стабилни. Потоа, тука е ова неверојатно брзо повлекување“, вели Беата Като, глациолог од Универзитетот во Бафало, која не беше вклучена во истражувањето.

Во извештајот се наведува дека загубата на мраз на местата на светското наследство може да претставува до 4,5% од забележаниот пораст на глобалното ниво на морето помеѓу 2000 и 2020 година. Овие глечери губат 58 милијарди тони мраз секоја година – што е еквивалентно на вкупниот годишен волумен на вода што се користат во Франција и Шпанија заедно, се посочува во истражувањето.

„Многу луѓе зависат и од глечерите како извор на вода за домашна употреба и за земјоделство, а нивното губење може да доведе до недостиг на свежа вода во сушните сезони“, рече Данкан Квинси, експерт за глациологија од Универзитетот во Лидс, кој не бил вклучен во истражувањето.

„Тоа доведува до проблеми со безбедноста на храната бидејќи тие ја користеле таа вода за наводнување на нивните посеви“, изјави Квинси.

Локалните заедници и домородното население ќе го сносат товарот од поплавите предизвикани од загубата на глечерите, велат авторите на извештајот, повикувајќи на системи за рано предупредување и намалување на ризикот од катастрофи.

Сепак, најочигледното нешто што мораме да го направиме е да го ограничиме глобалното затоплување.

 

 

24info.mk