Голем пожар во Пепелиште кој е составен дел на армискиот полигон Криволак, на терен само еден хеликоптер!

Во текот на денот, околу 10.30 часот избувнал пожар на отворено во атарот на с. Пепелиште, во близина на армискиот камп за обука Пепелиште кој е составен дел на армискиот полигон Криволак. Како што информираат од ЦУК, по неуспешниот обид од страна на питомците пожарот да биде ставен под контрола, тој се проширил и се движи во насока кон сртот на Конечка планина (планина Серта) од десната страна на регионалниот пат Неготино – Штип.

Линијата на фронтот на пожарот е подолга од еден километар. Во овој момент не е загрозено населено место ниту има таква тенденција, но пожарот се движи кон два далеководи од кои едниот од 410 киловолти се исклучил самиот а другиот од 110 киловолти е се уште во функција.

Ветрот кој постојано дува менувајќи го правецот дополнително го отежнува гаснењето на пожарот.

Горат носкостеблести растенија, но и мешана шума вклучително и мешана зимзелена шума. Поради сериозноста на пожарот полицискиот хеликоптер кој учествуваше во гаснењето на пожарот кај Велес е пренасочен и веќе почна со дејство врз пожарот кај Пепелиште.

Останатите два полициски хеликоптери се на редовен сервис, едниот ќе биде функционален после понеделник додека вториот кон крајот на август.

Армискиот хеликоптер е ангажиран на редовни армиски задачи во Охрид и нема доволно време истиот да се пренасочи во Скопје, да наполни гориво, да закачи ведро и да се упати кон Пепелиште.

Трите „Ер трактори“ се нефункционални поради недостаток на пилоти, проблем кој се очекува да биде надминат на следната владина седница.