Голем пожар се шири кај Атина, евакуирани Илјадници луѓе

Грчката Цивилна заштита утринава (12 август, 2024) нареди евакуација на неколку населени места во североисточните предградија на Атина поради шумските пожари во регионот на Атика.

„Шумски пожар во ваша близина. Следете ги инструкциите на надлежните“, напиша цивилната заштита во СМС пораките испратени до сите во загрозената област.

Евакуиран Маратон
Синоќа беше евакуиран и историскиот град Маратон, 40 километри североисточно од Атина, во кој живеат повеќе од 7.000 жители.

Најмалку пет населени места се евакуирани утрово, меѓу кои и две болници.

Грчките власти го отворија олимпискиот стадион во северниот дел на главниот град на Грција за да ги сместат евакуираните.

Противпожарната служба соопшти дека пожарот брзо се шири кон Пентели, 15 километри североисточно од главниот град.

Во акцијата за гаснење на огнената стихија се ангажирани 510 пожарникари, со 152 возила и 29 авиони, кои од утрово го надлетуваат загрозеното подрачје.

Екстремна суша и горештини
Метеоролозите и цивилната заштита неколку пати предупредија во текот на викендот: Поради екстремната суша и моментално силните ветрови околу Егејското Море, најмалиот пожар може да прерасне во голем пожар за неколку минути.

Цивилната одбрана објави мапа која покажува дека регионот околу Атина и големи делови од централна Грција се на највисоко ниво на опасност од пожари. Состојбата ќе остане исклучително опасна и во наредните денови, најавуваат од цивилната заштита. Во повеќето региони на Грција не врнело со месеци. По најтоплата зима забележана некогаш, Грција ги доживеа и најтоплите јуни и јули од почетокот на мерењето на температурите во 1960 година, што ја прави исклучително ранлива на шумски пожари.

 

извор: dw.com