Градежниот факултет во Белград тврди дека објавените документи за Железничката станица не се комплетни

Градежниот факултет на Белградскиот универзитет соопшти дека во објавената документација за реконструкција на железничката станица во Нови Сад, недостига, како што се наведува, клучна документација.

Владата на Србија, под притисок на јавноста, на својата веб-страница ја објави документацијата за реконструкцијата на станицата, која официјално беше отворена во јули, а каде по падот на бетонската настрешница во ноември загинаа 15 лица, а двајца беа тешко повредени. 1.

Надлежните тврдат дека објавената документација е комплетна.

Но, од белградскиот Градежен факултет велат дека врз основа на нивната прелиминарна анализа, во објавените документи, меѓу другото, недостига дел од проектната документација – идејниот проект, проектот за одобрението за градба, проектот за градбата и проектот за готовиот објект.

Тие наведуваат и дека недостигаат изјави од инвеститори, изведувачи и стручен надзор дека работите се вршеле од сите аспекти според проектот за изведба.

Понатаму велат дека недостигаат и сите договори и анекси на договори со подизведувачи.

Посочуваат и дека недостигаат најмалку осум предмети поврзани со документацијата на градилиштето, како и дел од документацијата што е во надлежност на инвеститорот и надлежност на Републичката градежна инспекција.

Реконструкцијата на железничката станица во Нови Сад траеше три години.

 

 

slobodnaevropa.mk