Општина Гази Баба донесе препорака за забрана за користење на мобилни телефони за време на наставата во училиштата.
– Соочени со негативните појави во образовниот процес од погрешна употреба на дигиталната технологија од страна на учениците, што не е само глобален и регионален проблем потврден и во извештаите на УНЕСКО за влијанието на мобилните телефони во воспитно – образовниот процес, туку сме сведоци на загрижувачки информации за многу девијантни појави во основните и средните училишта насекаде низ Република Македонија предизвикани од пристап до одредени социјални мрежи, кој влијаат како врз квалитетот на образовниот процес, така и врз емоционалната состојба на учениците. Дигиталните технологии треба да ја дополнат, но во никој случај не смееме да дозволиме да ја заменат интеракцијата на учениците со наставниците, наведува првиот човек на општината Бобан Стефковски и додава:
– Како градоначалник на општина Гази Баба, но пред и над се како татко на двајца ученици, а во насока на превенција од можни негативни појави од употребата на дигиталните технологии во наставниот процес сметам дека е потребно согласно нашите ингеренции веднаш да делуваме. Поради тоа поднесов иницијатива, а Советот на општина Гази Баба ја прифати и донесе Препорака до Општинските основни училишта на територија на општина Гази Баба за забрана за користење на мобилни телефони, паметни часовници и останати уреди за електронска комуникација и достапност до социјалните мрежи за учениците во текот на наставата.
Препораката до училиштата предвидува и посебни околности (итни случаи, здравствени причини и слично) во кои учениците по одобрение од предметниот наставник или менаџментот на училиштето можат да користат мобилен телефон.
Направените анализи и споредбената практика во голем број земји покажуваат дека укинувањето на мобилните телефони во училиштата генерира позитивни ефекти врз резултатите што ги постигнуваат учениците во образовниот процес.
– Наша цел е да создадеме генерации на ученици кои ќе прераснат во силни индивидуи полни со знаење за да имаме сигурна иднина и како народ и како држава и во тоа мора да успееме! – вели Стефковски.
skopjeinfo.mk