Ѕвоната на катедралата во Грац повикуваат на комеморација. Море од светла го осветлува главниот плоштад во градот. Собрани се стотици луѓе кои носат свеќи, многу од нив со солзи во очите. Многумина добро го познаваат училиштето кое стана смртоносна стапица непосредно пред летните распусти бидејќи поранешен ученик тргна во крвав поход, намерно пукајќи и убивајќи луѓе.
„Овој ужас не може да се опише со зборови“, рече инаку елоквентниот сојузен претседател на Австрија, Александар Ван дер Белен – и со тоа ја погоди душевната состојба во Австрија. Особено во Грац, по овој „темен ден во историјата на земјата“, како што тоа го формулираше австрискиот канцелар Кристијан Штокер.
„Грац стои заедно“
Три дена национална жалост, која е стварност и без декрети: „Како да имаш тежок камен во стомакот кој го носиш со себе, а сè уште не можеш сосема да поверуваш дека ова се случило“, вели една ожалостена жена со солзи во очите.
„Грац стои заедно“ е напишано со бела боја на црн транспарент што навивачите на австрискиот фудбалски шампион Штурм Грац го закачија на ѕидот на средното училиште во коешто се случи крвопролевањето. Дури и оние кои обично можат да бидат толку гласни останаа без зборови.
Сите настани се откажани
Грац е обединет, особено сега, но како и секогаш, вели градоначалничката Елке Кар: „Нешто што отсекогаш било одлика на нашиот град и луѓето што живеат тука е тоа што си помагаме едни на други.“ Политиката сега тука нема место, вели политичарката од КПО, комунистка која постојано е избирана во вториот по големина град во Австрија.
Во ова, Кар има исто мислење со неодамна избраниот премиер на покраината Штаерска, десничарот Марио Кунасек од ФПО:
„Штаерска денес тагува, зеленото срце плаче. И според мое мислење денес нема да има политичка дискусија. Денес е време за жалост.“
Партиските собири се одложени, сите настани се откажани. На Градското собрание во Грац, кој е главен град на Штаерска, се вее црно знаме на половина копје. Така е во целата земја. Пауза за да може тешко да се дише.
DW