Гренланд нема да го менува летното сметање на времето

Гренланд утре за првпат нема да го менува часовникот во зимско сметање на времето, јави ДПА.

Владата на Гренланд во ноември 2022 година донесе одлука да го укине летното и зимското сметање на времето на островот. Островот официјално е дел од Данска, но во голема мера е самоуправен.

Наместо тоа, Гренланд трајно ќе остане во временската зона UTC/GMT-2.

Поголемиот дел од Европа, вклучително и Данска, утре ќе ги врати часовниците за еден час наназад за да се премести од летно во зимско сметање на времето.

Малиот град Итокортурмит (Ittoqqortoormiit) во источен Гренланд е единствениот дел од островот што утре ќе ги врати часовниците. Според владата, градот ќе се приклучи на новата временска зона на островот во март 2024 година.