Грипот го достигна својот пик, се повеќе изненадуваат симптомите

Амбулантите низ целата држава се полни со болни од грип и бројот на случаи деновиве го достигнува врвот во сезоната. Но, ваквата слика не е изненадувачка за лекарите, туку изненадуваат симптомите, за кои велат дека се должат на пад на имунитетот, но можно е и на аерозагадувањето.

„Буквално секоја коска во телото ме болеше. Мислев дека ме болат и забите и косата, не само мускулите. Сѐ! Толку тешко не ми било никогаш“. Вака охриѓанката Христина го опиша нејзиното неодамнешно искуство со грипот, во разговор со Радио Слободна Европа (РСЕ).

Овојпат симптомите, вели, биле многу поинакви од вообичаено.

„Никогаш не ми се случило да стигнам до примање на инфузии кога сум имала грип. Сега добив и бронхит. Имав и гадење и повраќање. Веќе сум во втората недела откако се разболев и уште нозе не ме држат“, вели Христина.

Бројките растат. За споредба, во текот на цел декември се регистрирани 570 случаи на грип и заболувања слични на грипот, а само до 9 февруари веќе има 2880 случаи, покажуваат податоците од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) по месец.

Амбулантите се полни, но ова е очекувана слика и не ги изненадува докторите, вели матичниот лекар Бојан Трајковски.

„Можеби симптомите малку повеќе изненадуваат со оглед на тоа што веројатно има пад на имунолошкиот систем и генерално послаб имунитет како резултат на претходните години со стрес, Ковид, лоша храна, лош воздух, особено периодов. И само заради тоа имаме малку поголема експлозија на симптомите“, смета Трајковски.

Тој вели дека генерално, клиничката слика трае од три до седум дена.

„Единствено нешто што може да трае малку подолго време е кашлицата којашто мислам дека е тесно поврзана и со аерозагадувањето кое е значително полошо од тоа што било некогаш“, додава матичниот лекар.

 

slobodnaevropa.mk