Заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, денеска имаше средба со Габриел Ескобар, заменик-помошник државен секретар на САД и специјален претставник за Западен Балкан, на која се разговараше за важната улога во регионот која Република Северна Македонија ја има во очите на САД како добар партнер, но и сојузник што означува уште повисоко ниво на партнерство и пријателство.
Вицепремиерката Грковска нагласи дека стратешкото партнерство со САД за Северна Македонија е од суштинско значење и изрази благодарност за поддршката што САД ни ја дава особено во делот на справувањето со корупцијата, како еден од најзначајните приоритети во градењето на демократски и економски силно општество.
Заменик помошникот државен секретар Ескобар истакна дека покрај чекорите кои Владата на Република Северна Македонија неуморно ги презема со цел остварување на стратешките цели на државата, како членка на НАТО Сојузот е безрезервно вклучена и во поддршка на Украина од секој аспект, како со донации така и со згрижување на бегалците кои се жртви на руската агресија.
Вицепремиерката Грковска го информираше заменик помошникот државен секретар Ескобар за активностите кои се отпочнати од страна на Кабинетот за добро владеење и се она што е претстојно во насока на борбата против корупција, доброто владеење и дигитализацијата.
извор: Влада