Груби се повлекува од јавниот живот

Поранешниот вицепремиер и член на ДУИ, Артан Груби, кој се најде на црната листа на САД, вечерва преку социјалните мрежи објави дека се повлекува од политичкиот живот и дека за тоа го информирал лидерот на партијата Али Ахмети.

Груби наведува дека е чист како солза но, дека решил да се повлече за да не биде, како што вели, ничиј политички товар и дека одлуката ја донел за мир на неговото семејство и зачувување на личниот интегритет.

-Ова е тешка одлука, но неопходна за мир на моето семејство и за зачувување на мојот личен и политички интегритет, како и за поддршка на континуитетот на работата и посветеноста на нашиот лидер Али Ахмети, вели Груби во објава на Фејсбук.

Вели дека бескомпромисно е посветен на еднаквоста на Албанците во Македонија, на целосната интеграција во НАТО, на стратешкото партнерство со Соединетите Американски Држави и на членството во Европската Унија.

-Тоа се вредности кои не се само моја мотивација, туку и обврска која отсекогаш сум ја чувствувал. Нашите достигнувања, на кои сите бевме сведоци, не се само заслуга на мојата и посветеноста на моите колеги, туку и на искрената и континуирана поддршка на нашите пријатели од Соединетите Американски Држави и на Европската Унија. Фактот што денес Северна Македонија е членка на НАТО и ги започна преговорите за членство во Европската унија е јасен доказ за оваа соработка и заендичка посветеност. Но, цената на оваа посветеност, цена која отсекогаш била во служба на вредностите и правдата, е тешка за мене и за моето семејство, наведува Груби во објавата.

 

 

kurir.mk