Светиот архијерејки синод на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, денеска преку соопштение до јавноста и видео обраќање на поглаварот г.г. Стефан изразува загриженост поради процесот на носење на Законот за родова еднаквост и Законот за матична евиденција, поради што во четврток ќе организира Сенароден собир пред Соборниот храм „Св. Климент Охридски“ во Скопје.
„Светиот архијерејки синод на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, со голема загриженост го следи процесот на носење на Законот за родова еднаквост и Законот за матична евиденција. Во предложените закони се упати на низа спорни елементи од страна на стручни лица, експерти и граѓани, но тие не се не се земаат во предвид. Напротив, законите се обидуваат да се донесат што побрзо и нетранспарентно, на штета на граѓаните, а особено на жените и децата.
Поради тоа, Светиот Синод на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, повикува на Сенароден собир во четврток, 29.06.2023г. од 18:00 часот пред Соборниот храм „Св. Климент Охридски“ во Скопје, се наведува во соопштението од САС на МПЦ-ОА кое е проследено и со видео обраќање на Неговото Блаженство Архиепископ Охридски и Македонски г.г. Стефан.
Активистите пак, за родова еднаквост велат дека со овој закон сакаат да се унапредат правата на жената, а не да се искористува религиозната догма за носење на закони.
Родовата еднаквост беше тема и пред неколку месеци, кога невладините реагираа откако епископот Јаков Стобиски на трибина заговараше спротиставување на донесувањето на Законот за родова еднаквост и против сеопфатно сексуално образование. По изјавите на епископот, МПЦ ниту го осуди, ниту го поддржа ставот на струмичката епархија, велејќи дека немаат доволно информации, па поради тоа ни став.
За предлог законот за родова еднаквост се одржаа неколку јавни расправи ширум државата, со цел да се слушнат мислењата и ставовите на сите засегнати во општеството.