Претседателката Гордана Сиљановска Давкова смета дека химната на државата не треба да се менува и се плаши „да не влеземе во нови страсни конфликти“ со промена на државните симболи.
Ова го изјави за време на нејзината денешна (21 февруари) посета на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ).
Оваа изјава доаѓа по минатонеделната потврда на премиерот Христијан Мицкоски дека со коалицискиот партнер ВРЕДИ разговараат за промена на државниот грб, како и по изјавата на вицепремиерот Изет Меџити дека може да се разговара и за промена на химната.
„Апсолутно мислам дека нема потреба од промена на химната. Химната никогаш не одразува сегашност, секогаш одразува историска меморија, генеза. И ние немаме право, замислете јас не сум чула да менуваат луѓе дури и, ако се сеќавате, во рамките на ЕУ, во обидот да се донесе Уставот во 2005 на ЕУ, беше предвидена химна. Не дојде до тоа. Значи целата историја сите народи низ историјата креирале песни или химни коишто се најважниот државен симбол впрочем и затоа незнам колку знаете, текстовите на химните во најголемиот број држави се во Уставот“, рече претседателката.
Таа посочи и дека знамето и грбот во некои држави се опишани во Уставот.
„Имам само една дилема околу моментот на отворањето на прашањето. Не негирам дека низ историјата најприсутен симбол бил црвениот лав на златна заднина. Но, мојата дилема е следната – секогаш кога почнуваме да разговараме за вакви етнички прашања, симболи, со таква страст го правиме тоа, што не ни останува време за соочување со вистинските дилеми. Ако денеска зборуваме за драматични промени, треба ние да се адаптираме на драматичните промени“, рече претседателката.
Претседателката додаде дека се плаши да не влеземе во нови страсни конфликти, а „симболите би требало да обединуваат, не да разединуваат“.
slobodnaevropa.mk